Анализа на спогодбата со Грција од историски и идентитетски аспект

 

 

На 17 јуни 2018 година, после 26 години разговори под покровителство на Обединетите Нации, владите на Република Грција и Република Македонија постигнаа спогодба за решавање на разликите поврзани со употребата на името Македонија. Покрај решавањето на разликите околу употребата на термините „Македонија“ и „македонски“, спогодбата потпишана на бреговите на Преспанското езеро има за цел да ги одблокира и македонските евро-атлантски интеграции, со што се заокружува процесот на признавање на македонската државност со сите нејзини атрибути. Уште поважно, спогодбата го третира и прашањето на идентитетот на етничките Македонци. Токму ова прашање предизвикува сериозни и мошне емотивни реакции во двете држави. Овој текст се фокусира на причините за спорот околу термините „Македонија“ и „македонски“ и нивната употреба, како и одредбите на спогодбата кои се однесуваат на идентитетот на етничките Македонци. Истовремено, текстот се обидува да одговори на толкувањата во Република Македонија на одредбите од спогодбата кои се однесуваат на идентитетот на етничките Македонци, за позитивните и негативните страни и за ризиците од нејзината имплементација.

 

 

*                 *                 *                 *

 

 

За што всушност спорат Република Македонија и Република Грција?

 

Поради барањето за промена на официјалното име на Република Македонија, спорот за името несомнено претставува преседан во меѓународните односи. Поради тоа, во Република Македонија често овој спор се претставува и како апсурден и/или бизарен. На прво ниво, тој навистина претставува необичен спор, без преседан во меѓународните односи. Но на едно подлабоко ниво на анализа, тој ги има сите елементи на конфликтите во регионот и пошироко. Имено, денес во Македонија и Грција постојат две силно спротивставени толкувања за значењето на термините „Македонија“ и „македонски“ и за историјата на географскиот регион Македонија. Поради тоа, покрај кавгата за името и правото на користење на тоа име, тој претставува конфликт за територија, за историско наследство и идентитетски конфликт. За да се разберат подобро овие спротивставени толкувања потребно е да се спомне дека историјата е мошне исполитизирана во двете општества. Таа е разбрана на начин дека треба да и служи на нацијата и политиката. Во таков контекст толкувањето на историјата често се менува под влијание на политиката.

Во Република Македонија доминантно е верувањето дека дека територијата на географска Македонија, значи Вардарска, Егејска и Пиринска Македонија, нејзината историја и културно наследство се неотуѓив дел од историјата и културата на македонскиот народ. Поради тоа, поделбата на географска Македонија во Балканските војни, во македонскиот национален историски наратив се дефинира како национална катастрофа и претставува централен настан во градењето на митот за жртва на Македонците, но и повик за исправање на таа „историска неправда“. Така, кога Македонецот/ката на прослави пее дека „само една има вистина, има една Македонија, делете ја, парчете ја, пак ќе биде наша најмила“, тој/таа не пее само обични стихови, туку и верување дека има делови од Македонија кои не се дел од Република Македонија. Во таков контекст, после распадот на социјалистичка Југославија, а од 2006 година и како официјална државна политика, на етничките Македонци започнува да им се продава приказната дека се директни потомци на античките Македонци. Дури и миграцијата на Словените на Балканот е доведувана во прашање. На тој начин историјата на античка Македонија стана дел од наративот за историјата на македонскиот народ. Тоа пак, уште повеќе ја засилуваше аргументацијата на грчката држава за „крадење на минатото“ кое грчкиот национален историски наратив го смета исклучиво за свое, како и за „иредентизам“, т.е. полагање на право на територија.

Поради тоа, македонскиот национален историски наратив е во директен судир со грчкиот. Имено, во Грција, многумина веруваат дека историјата на античка Македонија е неотуѓив дел од грчката елинска култура и грчката национална историја. Уште поважно, во грчкото општество веруваат дека терминот „Македонија“ и „македонски“ исклучиво и припаѓаат на Грција и грчкиот народ. Оттука, грчкото разбирање за Македонец е, дека тоа е жител/ка на регионот Македонија, кој/а зборува грчки јазик и припаѓа на грчката нација и култура, а во никој случај тој или таа не може и не треба да биде етнички Македонец/ка, кој/а зборува на македонски јазик и кој/а припаѓа на македонската нација и култура. Поради тоа, секое присвојување на терминот „Македонија“ и „македонски“ се толкува како “крадење на минатото“ и „иредентизам“, т.е. полагање на право на територија од страна на друга држава. Истовремено, тоа е и оспорување на другите да полагаат право на користење и поистоветување со терминот „Македонија“ и „македонски“. Оттука, извикувањето „Македонија е грчка“ не е само обична парола на националистите. Таа е и оспорување на правото на еден народ да се нарекува себеси како Македонци, а својот јазик како македонски јазик.

Она што ја усложнува ситуацијата е што овие различни толкувања ги наоѓаме и во учебниците по историја кои се користат во државниот образовен систем на двете држави и со кои се влијаело на многу генерации на оформувањето на ставовите и погледите за минатото и соседите. На кратко, Македонците и Грците денес спорат за тоа кому му припаѓа историјата на античка Македонија (историското и културно наследство), за карактерот на Македонија, дали е грчка или македонска, за „неправедно“ одземените територии на македонскиот народ (територија) и за правото на користење на терминот „Македонија“ и „македонски“, (идентитетски конфликт).

Поради што македонското и грчкото општество се наоѓаат во оваква ситуација, зошто спорат околу името Македонија?

Се произлегува од тоа што македонскиот и грчкиот национален историски наратив го сметаат името Македонија и историјата на географска Македонија како исклучива и несподелива категорија. Имено, доминантната историска и политичка мисла верува дека историјата не може да биде споделувана со други народи и држави. Туку, целото историско наследство на територијата на Македонија може да и припадне само на една нација, а секое посегнување по Македонија од страна на други народи и/или држави се смета за непријателско. Разбирајќи го и злоупотребувајќи го минатото на овој начин, често во македонското и грчкото општество се зборува за историски неправди нанесени врз македонскиот или грчкиот народ, со што имплицитно, а понекогаш и директно се повикува на исправање на тие историски неправди и наплаќање на старите долгови. Притоа, проповедниците на овие идеи не се сосема искрени кон своите сограѓани/ки за последиците од тие политики. На Балканот, и во светот, нема националистичка политика и реторика кукавички затскриена позади повикот „во името на народот“, која не довела до национална катастрофа, поточно до човечки жртви, напуштени домови, уништени економии. Нема!

Овој пристап кон проучување и употреба на минатото е спротивен на современите историски и политички школи, кои наспроти исклучивоста и ексклузивноста ги претпочитаат споделеноста и инклузивноста на историјата. Денес, нема национална историја што не е испреплетена со други национални истории, особено со оние на соседите. Не може да се разбере историјата на македонскиот народ, доколку не се земе во предвид историјата на соседите и обратно. Овие различни пристапи и школи во толкувањето на минатото се една од основите за постоење на различните и силно спротивставени толкувања на договорот во двете држави. Минатото треба да биде толкувано на начин да разбереме кои се причините и политиките што доведуваат до конфликт, а не тоа да биде причина за нов конфликт.

 

Што значи спогодбата за историјата и идентитетот на македонскиот народ и што може во актуелниот политички и општествен контекст спогодбата да помогне за да се надмине грчко-македонскиот спор?

 

Проблем кој опстојува повеќе децении сигурно нема да се реши со самиот чин на потпишување на спогодбата помеѓу Република Македонија и Грција. Но, таа секако претставува првиот важен чекор во надминување на спорот и рамка во која треба да се движи процесот на градење пријателство и добрососедски односи. Земајќи ја во предвид природата на спорот и неговите развои во изминатите децении, одредбите во спогодбата не се однесуваат само на новото име на државата, туку и на историското наследство и на идентитетот на етничките Македонци. Натамошниот дел од текстот се однесува на историскиот и идентитетски аспект од спогодбата, за позитивните и негативните страни, како и ризиците од нејзината имплементација. Истовремено, оваа анализа се обидува да одговори на манипулативните толкувања кои се однесуваат на историјата и идентитетот на етничките Македонци.

Разбирливо, најголемиот дел од критиките кон договорот се однесуваат на промената на уставното име на Република Македонија во Република Северна Македонија. Со прифаќањето на новото име Република Македонија се ослободува од мошне непријатната референца Поранешна југословенска Република Македонија или ПЈРМ/FYROM, која беше насекаде користена во мултирателарните средби на претставниците на Република Македонија, а македонскиот јазик не ретко беше именуван и како јазик на ПЈРМ. Промената на уставното име е најголемата отстапка, која Република Македонија ја прави во преговорите во замена за гарантирање на идентитетот и јазикот. Промената е тешко прифатлива, не само поради очигледното оспорување на правото на самоопределување, туку и поради развојот на националниот дискурс за името, кое често беше толкувано како историско име на етничките Македонци.

Поради важноста на идентитетскиот аспект за Република Македонија, новото име, поточно одредницата Северна несомнено ќе има географско значење. Таа го одразува современото разбирање за географијата. Имено, Република Македонија се наоѓа на северниот дел од пошироката територија на географска Македонија. Поради тоа „Северна“ во никој случај не е, и не треба да претставува етничка одредница. Меѓутоа, неколку изјави од странски владини преставници кои ја користеа придавката „северномакедонски“ за да ги именуваат припадниците на институциите и самите институции на Република Македонија предизвикаа оправдани реакции и стравувања дека географската одредница директно ќе влијае на именувањето на Македонците како Северномакедонци. Меѓутоа, ставот 3 (ѓ) од членот 1 од спогодбата јасно кажува дека придавката во однос на државата, нејзините службени органи и други јавни институции ќе биде „на Република Северна Македонија„ или „на Северна Македонија“, а не „северномакедонски“. Поради тоа, оваа и сите идни влади на Република Македонија ќе мора да бидат внимателни овие погрешни толкувања да не станат пракса, која директно е спротивна на одредбите од спогодбата со кои јасно се заштитува идентитетот на етничките Македонци.

Токму заштитата на идентитетот на етничките Македонци е позитивната и најзначајната придобивка од спогодбата. Македонските историчари и политичари во минатото не пропуштаа можност да спомнат за важноста на заштита на идентитетот. Тоа прашање беше секогаш ставано пред самото име на државата. Всушност одбраната на името беше претставена како заштита на идентитетот, поточно дека мора да останеме Македонци. Со членот 7, став 1 и 3, Грција многу јасно и експлицитно препознава и признава постоење на македонски јазик и македонски народ и култура. Поточно,

 

„…термините Македонија и „македонски се однесуваат на различен историски контекст и културно наследство.“ (чл. 7 став 1)

 

и во однос на Република Македонија

 

„…ја означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните одлики, со нивната сопствена историја, култура, и наследство…“ (чл. 7 став 3)

 

кои се различни од грчкото разбирање на овие термини кои

 

„…ја означуваат не само областа и народот во северниот регион на Првата страна [Грција], туку и нивните одлики, како и елинската цивилизација, историја, култура и наследство на тој регион од антиката до денешен ден.“ (чл. 7 став 2).

 

Од историски аспект оваа одредба јасно го препознава и признава правото на секоја од страните на сопствено толкување на термините „Македонија“ и „македонски“. Со тоа, Грција, за првпат во својата историја, прифаќа различно разбирање на терминот „Македонија“ и „македонски“. Тоа пак е директно спротивставено на верувањето дека Македонија е исклучиво грчка, со што одредбата го деконструира еден од најсилните грчки национални митови. На сличен начин овие одредби го деконструираат и македонскиот национален историски мит за ексклузивното право врз територијата на географска Македонија, нејзината историја и културно наследство.

Сепак, кога станува збор за националните историски митови, со членот 7 став 2 спогодбата одредува дека историјата на античка Македонија, нејзиното културно наследство и симболи припаѓаат исклучиво на Грција, а со членот 8 став 1 и 2 се ограничува употребата на симболите од историското и културно наследство на античка Македонија, а нивното користење во Република Македонија мора да биде на начин јасно да упатуваат дека тие припаѓаат на античката елинска историја и цивилизација, кое со спогодбата се означува како историско и културно наследство на Грција. На овој начин спогодбата го препознава митот за античка Македонија како дел од грчкото историско и културно наследство. Тоа пак е спротивно на современите сфаќања за историјата на нациите и нивното скорешно потекло. Овие политички интервенции во однос на толкувањето на минатото и ексклузивноста врз историското наследство на античка Македонија треба да се бараат во развоите на спорот за името во изминативе децении. Имено, идентитетскиот конфликт и опседнатоста со историјата и нејзиното толкување во текот на разговорите, како и политичките интервенции во толкувањето на минатото во двете држави само го усложнуваа решавањето на спорот и доведоа до тоа овие прашања неизбежно да се решат преку политички компромис со цел да се надмине конфликтот.

Наспроти овие одредби, критикувачите на спогодбата се обидуваат со неосновани и манипулативни толкувања да покажат дека таа е против македонскиот идентитет и историја. На тој начин толкувањата треба да ги разгорат емоциите кај етничките Македонци и да предизвика страв и параноја, кои пак се основа за ширење на национализмот и националистичките реторики. Така, изминативе два месеци често можеше да се слушне како со спогодбата се поништува и/или укинува македонската историја, македонската нација добива ново име, дека Македонците нема да постојат, дека историјата е продадена, се поткопува македонскиот национален идентитет, се негира македонската државност, или дека термините „Македонија“ и „македонски“ ќе бидат избришани од секаква употреба. Меѓутоа, во ниту една од изјавите не е јасно објаснето и аргументирано, на кој начин ќе се избрише националната историја. Во ниту една изјава!

Напротив, погоре цитираните одредби од членот 7 јасно кажуваат дека термините „Македонија“ и „македонски“ ја означуваат територијата, јазикот, народот и нивните одлики, со нивната сопствена историја, култура и наследство кои се особено различни од грчкото поимање на терминот „Македонија“ и „македонски“. Затоа, не точно е тврдењето дека овие термини ќе бидат забранети. Напротив, кога станува збор за идентитетот, јазикот и културата на етничките Македонци тие термини секогаш ќе се користат, како што и досега ги користевме за внатрешна употреба, а на меѓународно ниво овие термини, конечно не смеат и не треба да бидат оспорувани. Сепак, во македонската јавност постои верување дека Македонците го губат својот идентитет.

Од каде доаѓаат овие стравови и политички манипулации? Нивото на развој на историска и политичка мисла е една од главните причини што одредена група на граѓани на Република Македонија тврди и/или верува дека Република Македонија се откажала од својата историја и идентитет. Имено, толкувањата на противниците на договорот се засноваат на верувањата објаснети погоре, дека историјата на територијата на цела географска Македонија припаѓа исклучиво на историјата на македонскиот народ, а во никој случај на грчката историја, како и дека античките Македонци се различни од античките Грци, што би се рекло дека тие се потомци на современите Македонци.

Но, дали навистина со договорот се оттуѓува дел од македонската историја? Се разбира не! Напротив, ако прифатиме дека историјата на античка Македонија не е дел од историјата на македонскиот народ, а етничките Македонци не се директни потомци на античките Македонци, ние не се откажуваме од сопствената историја, туку се откажуваме од еден историски мит и заблуда, кој се покажа како мошне деструктивен за македонскиот идентитет. Имено, доведе до идентитетска криза и често поставуваното прашање – а сега кои сме, антички сме или Словени?

Исто така, силно критикувано е и предвиденото формирање на комисија за историски, археолошки и образовни прашања. Според противниците на спогодбата, македонската историја ќе биде пишувана од страна на комисии за историски прашања по желба на соседите. Што се однесува до комисијата, како и во случајот со Бугарија, тие се формираат на паритетна основа и се однесуваат на ревизија на учебниците на двете, а не само на едната страна. Едноставно кажано работата на комисијата претставува дијалог во кој треба да се чујат гледиштата на двете страни и да си укажат едни на други, што е тоа што им пречи во учебниците по историја. Ревизијата, како процес значи подобрување на квалитетот на учебниците, а не бришење на националната историја. Работата на комисијата според начелата и целите на УНЕСКО и Советот на Европа не предвидува бришење на минатото, туку предвидува изучување на историјата ослободена од толкувања засновани на националистички и шовинистички предрасуди. Таа предвидува и градење на заеднички наратив кој треба да ги приближи различните национални перспективи и со тоа да ги избрише разликите и несогласувањата по национална линија. Значи, доколку се следат начелата и целите на УНЕСКО и Советот на Европа, историјата на Македонија ќе биде пишувана според современото, а не според традиционалното разбирање на историјата и историското образование. Историското образование во никој случај не смее да претставува предвојничка обука со која младите ќе се учат да ги мразат соседите и да веруваат во идеи за големи држави. Според современото разбирање на историското образование, Историјата на Македонија ќе се учи ослободена од толкувања засновани на националистички и шовинистички предрасуди со цел да придонесе кон спознавање на националното минато, доприносот на светските цивилизации и многу важно, кон развој на критичкото мислење, кое пак ќе овозможи идните генерации да бидат помалку подложни на политички манипулации засновани врз извртено толкување на минатото. Освен тоа, противниците на историските комисии треба да знаат дека комисиите даваат можност за првпат во учебниците во Грција и Бугарија да пишува и за историјата на Македонците, а не како досега тие воопшто да не се спомнуваат. Исто така, комисиите даваат можност македонските научници да укажат и да влијаат кај нивните колеги во Бугарија и Грција да се отсранат сите толкувања кои потикнуваат создавање на големи држави на сметка на Република Македонија.

 

Заклучок

 

Спогодбата помеѓу Република Македонија и Република Грција очигледно предизвикува сериозни политички и општествени потреси во двете држави. Од целата дебата „за“ и „против“ спогодбата во Република Македонија постојат две значајни и силно спротивставени гледишта. Едното тврди дека спогодбата е „капитулантска“, а другото дека таа е „историска“. Двете квалификации имаат политичка конотација, меѓутоа спогодбата секако не е „капитулантска“, а манипулативното користење на овој термин треба да ја покаже другата страна за попустлива, дури и за предавничка во однос на Грција и да ги разгори емоциите и стравот кај етничките Македонци дека со договорот се губат основните елементи на државноста и на македонскиот идентитет. Сепак, тоа е целосно спротивно на одредбите од спогодбата.

Истовремено овие квалификации и толкувања за губење на името и идентитетот, оставаат можност за создавање на нови национални и политички фрустрации кај етничките Македонци. Тие фрустрации можат да потикнат нов бран на националистичка реторика и уште позасилено верување дека Македонците се жртви на соседите. Тоа пак ги става во позиција на себеизолација, наспроти директно вклучување во актуелните процеси и водење проактивна политика. Поради тоа, сегашната и идните влади имаат одговорност да спречат развој на национални и политички фрустрации, кои во минатото само повеќе им одмагаа на Македонците во нивните односи со соседите, но и со другите етнички заедници во Република Македонија. Во иднина спогодбата не треба да стане политичка парола „го продадовте името“, како што тоа е случајот со паролата „го продадовте знамето“.

Од друга страна квалификацијата „историска“, произлегува од фактот дека со спогодбата е предвидено да се стави крај на спор кој трае веќе 26 години, и да помогне во решавање на конфликтот помеѓу етничките Македонци и Грците. Навистина е историски чекор отстапувањето од тврдите позиции, т.н. црвени линии, кои беа пречка во надминување на спорот. Исто така, надминувањето на спорот со Република Грција, заедно со потпишувањето на договорот за добрососедство и пријателство со Република Бугарија, а со тоа и деблокирање на евро-атлантските интеграции ја заокружува македонската државност со сите нејзини атрибути. Но, за оваа спогодба да остане засекогаш „историска“, а не обид за „историска спогодба“ останува уште многу да се направи. Очигледно двете држави и нивните општества во иднина ќе мора многу да работат за да ја подобрат меѓусебната перцепција и да создадат две општества чии граѓани меѓусебно ќе се почитуваат. Во момент кога економските односи одлично функционираат, ќе мора да се работи многу повеќе на академската и културна размена, на градење доверба, на меѓусебно почитување и рушење на предрасудите. Без разлика дали овие проблеми ќе бидат надминати со формирање на комисии за историски и образовни прашања, меѓусебни академски проекти, проекти во културата, студентски размени и слично, доколку не се подобрат состојбите на ова поле, спогодбата ќе се почитува до оној момент кога регионалната и/или глобална политичка ситуација не даде нов поттик на националистичките сили да се пресметаат со својот историски непријател.

 

Изработил: Петар Тодоров

Скопје, август 2018 година