Што по референдумот?

Не размислував многу за референдумот што ќе се одржува во Македонија, односно, мислев дека ова прашање е решено, дека сите граѓани ќе излезат и ќе гласаат „за“ Договорот од Преспа. Верувам, дури, убедена сум дека со договорот, само Македонците имаат придобивки и мислев дека тие масовно ќе излезат и ќе гласаат „за“, со апсолутно мнозинство.

Моето двоумење растеше кога стануваше збор за излезноста на Албанците. Дали Албанците ќе излезат, и ако излезат, дали ќе гласаат позитивно на референдумот, бидејќи тие воопшто не се спомнати во овој договор, со ниеден збор.

Излезе дека работите почнаа да се движат во спротивни насоки: неколку македонски медиуми, приклонети кон конзервативната, демохристијанска партија ВМРО-ДПМНЕ и неколку личности од оваа партија, не се изјаснија по Договорот од Преспа.  И тука, не завршува приказната.

Во време кога влијателни политичари од демократскиот Запад долетуваат од сите страни на на скопскиот аеродром за да го поздрават постигнатиот Договор во Преспа, оценувајќи го дури и како историски, и да го поддржат референдумот, одеднаш се огласија таборите на македонските партии со десна ориентација, со барање да не се излегува на референдумот, да се бојкотира… Изразувајќи ја својата последна надеж дека на тој начин ќе добијат некаква лична, политичка придобивка, како и по нешто за нивните партии. Со појдовна точка од претпоставката дека Договорот од Преспа е против интересите на Македонците. Од оваа појдовна точка, тие ги искористија емоциите на широките маси, допирајќи до најболното место на Балканот, паролата – „татковината е во опасност“. Во служба на ова, се лансира и говорот на омраза. Се навредуваа политичките опоненти, но најмногу, Албанците, како и обично, и покрај тоа што тие не беа дел од Договорот што го постигнаа Македонците со Грците.

Зошто се сега овие обвинувања, кои патем, не се нови, но извадени од „арсеналот“ на српскиот шовинизам, само Господ знае. Потоа, се наредија флоскулите дека на Македонците им е загрозен идентитетот, јазикот, името на државата, дека тие немаат друга држава освен Македонија, како што Албанците ја имале Албанија…

Во текот на овие процеси Албанците беа умерени, и покрај тоа што со овој договор ниту добиваат, ниту губат. Сепак, тие ќе излезат на референдумот, најмногу поради фактот дека за првпат во историјата на независна Македонија, албанските партии се обединети по прашањето – референдум. Секако, и заради придобивките на земјата по преговорите за влез во НАТО и ЕУ.

Евентуалниот неуспех на референдумот ќе и ја остави на Македонија референцата ПЈРМ со децении и децении, или Господ знае колку време. Исто така, доколку референдумот не успее, ќе треба да се заборави на интеграциите. Македонија ќе остане „оаза“ на нестабилност, на економска беда и на константното напуштање на земјата од младите.

Ова треба да го очекуваат десничарите, ако евентуално се остварат нивните прогнози. Освен тоа, треба да знаат дека за Западот, Македонија нема да биде точката околу којашто се се врти, како што земјата се врти околу сонцето. Дури ни источните земји нема да се потепаат да дојдат тука со вреќи со брашно, затоа што референдумот бил неуспешен. Големите источни земји си ги гледаат своите интереси, коишто речиси нималку не се во согласност со тие на Македонија. Освен тоа, ако се случи непријатно изненадување од референдумот (што нема да се случи), тогаш античките Македонци ќе сфатат дека Македонија не е најстарата земја на светот, по сонцето, како што милуваат да кажат, но може да се соочат со почетокот на крајот. Се разбира, потоа следат големи неволји и беда.

Сепак, обидите за бојкотирање продолжуваат.

Во процесот на последните подготовки на референдумот, кога се ближи датумот, кога сите прогнози се дека референдумот ќе биде успешен, се бара ново алиби за пречки. Дека договорот за името не чини, дека е неуспешен, дека се загрозува идентитетот, и ова се покажа како блед изговор. Не им проаѓа ниту „вината“ на Албанците.

Закопани во место што го шиба ветер од сите страни, без сигурна политичка почва под нозе, пред големиот прашалник што се надвива над нас –„што ќе се случи“ на политичката сцена по референдумот, што ќе се случи по една серија процеси што ќе почнат, од евроатлантските интеграции до интензивирањето на инвестициите, од првите чекори од излезот од политичката и економска беда до отворањето на границите на државите што се подемократски од Македонија, десничарите си ја губат ориентацијата.

На која страна да се свртат? Спасот го бараат кај претседателот. И, претседателот им ја исполнува желбата, оди во Америка, во земјата што им даде безрезервна поддршка на Македонија и на Договорот, каде што изјавува дека ќе го бојкотира референдумот, што значи дека претседателот се вбројува во редот на македонските деснопартиски војници. Не дека ќе го смени  успешниот тек на демократските процеси. За жал, тој само јавно покажа дека никогаш не бил претседател на сите граѓани, и ги поддржа „хејтерите“ на социјалните мрежи, за одделни десно определени „интелектуалци“ – Македонци да бараат „виновници“, за коишто се разбира дека се знае каде ги „наоѓаат“.

Чудно е како може на овој начин да се однесуваат противниците на референдумот, како може да посакуваат негативен резултат, кога од таков резултат, освен економската беда, како последица ќе се испразнат детските градинки, училиштата, факултетите… Нема веќе да се слушаат детски гласови, освен гласот на камбаните и мујезините. Пејсажот ќе се „украси“ само со старци што играат табла, карти и домино. И, со молк. Потоа, следи расказот на Платон за Атлантида, за потонатата земја, исчезната, оставајќи го зад себе само името што прска по фантазиите на луѓето кои бараат метафори и реторички или поетски симболи.

Една смешна и истовремено, тажна атмосфера.

Што може да се каже како заклучок? Природно, на македонските десничари треба да им се помогне да го разберат историскиот момент во којшто живеат. Ова ќе треба да биде задача на албанските партии, коишто во овој момент се покажаа поеманципирани и посплотени, и за првпат се упатени кон една цел: референдум за европска Македонија.

Задачата на албанските партии, како дел од владината коалиција, е да си ги засукаат ракавите и да направат се за да ги ослободат луѓето од предрасудите за Албанците, и да се оддалечат од убедувањето дека Албанците се виновни за сите неуспеси на земјава, дека албанскиот јазик го загрозува македонскиот, и на крајот, дека Албанците се „странци“ во својата земја.

Сите објави од: Колумни

#ЗачекориНапред  #изборотЕтвој