Твоја одлука, твоја одговорност!

Како што се приближува референдумот, се повеќе и повеќе читам и слушам различни мислења, ставови и перспективи, за тоа што нас не очекува после (не)успешноста на овој референдум.

Пишува: Фари Хисени

Досега сме слушнале различни изјави во врска со (не)успешноста на референдумот, почнувајќи од тоа како Македонија е загрозена од евентуални територијални поделби во Балкан, особено во период кога Србија и Косово се надеваат дека ќе стигнат до компромис за територијална корекција, се до изјави од типот како во Македонија ќе се сменат работите за 180 степени кон подобро.

Навистина не знаеме што ќе се случи, но барем знаеме дека тука каде што се наоѓаме не ни е убаво, се жалиме и бараме нештата да се променат!

Во моментов Македонија стана еден голем подиум, каде што од сите страни сме опкружени со информации и изјави, дури и високи претставници од меѓународната политичка сцена одлучија да дадат свои коментари околу овој важен настан кај нас.

Сакам и јас да се изјаснам за општата реакција како општество, што се однесува до овој настан, бидејќи се наоѓаме во позиција којашто сме ја барале низ години, а сега, откако стигнавме до тука, бараме влакно во јајце и некако, како да се откажуваме.

Отсекогаш  ни било јасно дека интеграцијата на нашата земја во НАТО и ЕУ, зависи од решавањето на спорот со името. Отсекогаш за решавањето на овој спор сме посакувале да одлучуваме ние, граѓаните. Е па, ни дојде времето, на 30-ти септември ќе се одржи Референдумот,  и сите граѓани со право на глас ќе можат да си го изразат своето мислење. Веќе подолго време „претпоставувам“  дека знаеме за референдумското прашање „Дали сте за влез во НАТО и ЕУ со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција“, така што, не гледам ништо нејасно во прашањето.

Договорот од самиот почеток е достапен за сите, некои не се согласуваат со содржината на овој договор, а некои се согласуваат. Сосема е во ред и демократски да ги има двете групи, затоа на референдум ги имаш двете опции, или гласаш Против одреденото прашање или си За. Ова го потенцирам токму поради појавувањето на една трета опција, која правно не е признаена и не е предвидена во избирачкото ливче, а тоа е бојкотот. Во контекст на овој текст, бојкотот претставува највисока политичка незрелост кај поединец, кој може да предизвика сериозни последици кај општеството, со посебен фокус на новите генерации.

Во земјите во коишто општеството е со развиена критичка мисла, ваквите моменти не бараат партиски кампањи, како што се случува кај нас, за да не убедат како е најдобро да гласаме, ваквите моменти се, и треба да ги гледаме како надпартиски интерес. Со нашето внатрешно политичко уредување, ние сме држава со посредна демократија, значи си бираме наши претставници коишто треба да ги застапуваат нашите интереси, додека референдумот е единствениот инструмент преку кој граѓанките и граѓаните имаат можност директно да се вклучат во донесувањето на важни одлуки.

Посакувам да покажеме политичка зрелост во недела, да ја искористиме оваа прилика сами да одлучиме за себе, да преземеме одговорност за нашата иднина,  и да излеземе на гласање.

За крај, сакам да споделам една анегдота со надеж дека нема да ја имаме  истата судбина и ние:

Стигнал Насрадин Оџа прв пат во едно убаво развиено место од неговото време и заинтересирано гледа наоколу. Му се приближува еден непознат и го прашува: Оџа, да ми кажеш што ден сме денес? Насрадин му возвраќа: Пријателе, странец сум, за прв пат сум на овој плоштад, така што,  јас не знам како ги пресметуваат деновите кај вас.

Сите објави од: Колумни

#ЗачекориНапред  #изборотЕтвој