Иванов и неговото антиреферендумско завивање

Додека луѓето низ белиот свет своите идеи ги наплатуваат за солени пари, додека луѓето од белиот свет создаваат генерации кои произведуваат „микро“ чипови, во Македонија се создава општествена „калакурница“: се протестира така што се повикува на бојкот, оти, нели, не го даваме името, идентитетот и останати трици и шлајшупки, тие де, „демократски“ симболи за самоидентификувања на Македонскиот народ (народ? – кој ќе го знае што е тоа). Ништо чудно, можеби во некои други земји постои протест против институции, па луѓето излегуваат на улици како би се освежиле (или испразниле), можеби би барале нови градинки, болници, квалитетно образование, пристојни (и чисти?) јавни простори, култура, кина, театри… книги?

Ненад Јовановиќ

Море, да се вратиме ние на нашите „бојкотирачи“. Имено, тие, нашите „десперадоси“, едноставно нема да гласаат на референдумот, то ест, ќе излезат на изборите, ама гласачките ливчиња ќе ги третираат како полигон за вежбање на вербална, а можеби ќе ги користат како полигон за ликовна креативност, и така тие ливчиња – според нивната логика – ќе станат „неважечки“. А, ако тие ливчиња бидат во „доволен“ број (колку точно?), така ќе стане неважна политичката класа на Заев, и воопшто целиот естаблишмент. Над кој ние, сестро златна, ги кршиме перјата затоа што сме многу „разочарани“. А тоа ќе ни донесе прави и „суштински“ промени, само што тие „суштинските“ редовно ни се лизгаат од рака.

Целата критика, почитувани, мене ми изгледа блесава, несериозна и детинеста. Дури и „најуспешните“ во целиот тој антиреферендумски „бучкуруш“ би требало од владата на Заев да добијат бесплатен повеќенеделен третман во некој салонско-масажерски комплекс – штета би било толкава мисловна интелигенција да се сроза и згние во анонимност и стручно да не се третира. Зарем онакво естетско-мисловно достигнување да остане на бришан простор и’ да се оддува во анонимност?

Добро, се пошегувавме малку. А сега на работа! Зоран Заев и неговата влада го решија повеќедеценискиот спор на оваа земја со нашиот сосед, братската и пријателска Грција. Ако тоа не е доволно, слободно може да се преселите во Танзанија. А зошто е тоа доволно? Затоа што манифестира и еманира јасна прозападна ориентација на земјава, решава едно големо билатерално прашање, така што Европа сфаќа дека во Македонија се појави влада која знае да решава проблеми и докажа дека за такви луѓе поддршка секогаш ќе има. И ќе биде безрезервна!

Или со други зборови, луѓе кои размислуваат за јавни работи не можат туку така да бидат рамнодушни кон судбината на сопственото опкружување. Тоа што насушно им треба – а и тоа веќе го прават – објаснување и оправдување на сопствените постапки. Ако, да речеме, „нема да гласам“ затоа што „немам за што да гласам“, знаете, и тоа треба некако да се докаже, да се оправда, да се поткрепи со нешто. Да им се наоѓа мани на оние кои денес, сега, веднаш треба да го решат и спроведат договорот со Грција, сепак не е доволно: премногу е лесно, премногу е ноторно. Потребно е, да се „маркира“ (идеал-типска) алтернатива за која во моментов е недостижна, па заради таквата недостижност бојкотирањето е невозможно. Ако таа алтернатива ја нема во сегашноста (сите тие се исти, сите тие нас не изневериле, бла-бла-бла), тогаш алтернативата мора да се наоѓа на друго место. Каде на друго место? Да речеме – во иднината: „еден ден ќе се појават нови, некомпромитирани, чисти млади луѓе и тие ќе го решат прашањето со Грција“? Во ред, ама ова е често користена техника на самозадоволување, ама има и една мана: не оперира во реалноста, многу е матна и не нуди решение сега, веднаш, тука! Е, затоа кај нас овој бојкотирачки башибозук оперира со „историјата“, затоа што прво така најлесно се манипулира, и второ – така најлесно се злоупотребува.

Ми вели еден пријател: море, да се врати Киро Глигоров од гроб, тој најисправно ќе го реши ова прашање. Опа, види нешто конкретно! Поддржувам! Само има еден проблем: Глигоров не е жив, а оттука не може да биде активен во политика. Но, вреди да се обрати внимание на аргументацијата: мојот пријател спиритуално завива повикувајќи се на Глигоров, дури во некоја смисла бара „симболичко воскресение“ на Глигоров. Што ова ни зборува, почитувани? Мојот пријател, „ако беше Киро жив“, со задоволство би гласал тој да го реши прашањето со Грција, а бидејќи не е жив, „нема за што да се гласа“.

Ќе изнесам сега една „дрска“ претпоставка. Овој коментатор (со чии лупетања се занимавам затоа што тој е претставник на цел еден слон на луѓе во денешна Македонија) многу веројатно е дека НИКОГАШ НЕ БИ ГЛАСАЛ за Киро Глигоров ако овој навистина беше жив и ако беше активен во политика; или, ајде да ја отераме оваа претпоставка до апсурд: ако Киро некако воскресне, би можел да ја заврши целата референдумска работа. Тоа што Киро Глигоров е мртов, тоа значи дека тој (мојот пријател) е конститутивен дел од лажното и „фејкерско“ уверување затоа што само за него би имало смисла да се гласа. Киро Глигоров во оваа земја имаше статус на „секуларен граѓански светец“. Ако беше Киро Глигоров жив, верувајте ми, слатко ќе исповратеше на ова што мојот пријател го кажа за него, со две раце ќе го поддржеше договорот со Грција и ќе излезеше на претстојниот референдум.

Дозволете ми, на самиот крај, да се посветам на уште еден симптом од „нашата мила и драга Македонија“. Ѓорге Иванов. Отиде претседателот на Македонија во Америка, па оттаму ја извести сета Земјина топка, а богами и стратосфера: ќе бојкотирам! Претпоставува, Ѓорге, дека прашањето со името е прашање од епохални размери, дека идентитетот македонски не може да го реши само една политичка класа. Гледате, идејата на Иванов е бесмислена, дури е и идиотска. Изборите и референдумите во една плурална земја постојат за да се одреди стратешкиот правец на движење во општеството. Па, сепак, врескањето на Иванов и неговото партикуларно друштвенце не е баш чиста работа, почитувани, не е ниту принципиелно, а богами ни особено интелигентно.

Се разбира дека Иванов во некоја смисла сака да трансферира одговорност за „стратешкиот“ проблем со името, докажувајќи ни не само што го штити својот личен интерес и интересот на партијата, туку практично ни докажува дека го брани интересот на цела една политичка класа, за која, да бидеме искрени, сите ние ќе го платиме.

На другата страна, неговите опоненти ни нудат алтернатива, а таа е брзо зачленување во НАТО и пацификација на целиот политички систем. Имам уште еден пријател, видно избербатен од алкохол, ми ѕвони во три часот изутрина за да ми каже дека има визија: „брате, ако не сега, кога, ако не ние, кој“? Му честитам на Буцко, има поголема свест од сите наши „учкуруши“ расштркани низ нашите политички салони.

Сите објави од: Колумни

#ЗачекориНапред  #изборотЕтвој