Трајкоски: Членството во НАТО јасно ќе го определи местото на Македонија во меѓународните односи

Пецо Трајкоски, претседател на невладината организација Форум за истражување на безбедносни политики „Секуритас“, во интервју за ЦИВИЛ Медиа зборува за важноста од влезот на Македонија во НАТО, безбедносната состојба на земјата и влијанието на членството врз внатрешната и надворешната безбедност.

ЦИВИЛ Медиа: Зошто за Македонија е важно да стане членка на НАТО?

Трајкоски: Членството во НАТО е една од главните стратешки определби на Македонија уште од нашето осамостојување.  За мала земја како Македонија која и политички и филозофски се стреми да припаѓа во клуб на демократските и прогресивни сили, не постои друга алтернатива.  Причините за членството во НАТО иако примарно се безбедносни, се и политички и економски.

Земјата ќе има гаранции за својата безбедност преку принципот за колективна одбрана. Во несигурниот и кршлив регион на Балканот тоа многу значи. Ќе се намали можност од регионални судири и ќе се зајакне безбедносната соработка со соседите.

Преку приклучувањето во НАТО, Македонија јасно ќе го определи своето место во меѓународните односи, и ќе биде дел од алијансата на најмоќните и развиени земји во светот. Самиот процес на апроксимација и приклучување значи подобрување на институционалната рамка на земјата, подобрување на владеењето на правото, поефикасно владеење итн.

Пецо Трајкоски, Секуритас

Мора да се нагласи и економската корист од членството во НАТО. Економскиот перформанс на една земја е тесно поврзан со нејзината способност да обезбеди долгорочна стабилност и безбедност. Кај земјите кои станале членки на НАТО пред Македонија забележан е таканаречениот НАТО ефект, каде економиите по членството имаат зголемени странски инвестиции, поголема економска интеграција со другите членки, поотворени економии.

ЦИВИЛ Медиа: Со кои закани се соочува Македонија од безбедносен аспект?

Трајкоски: Лично сметам дека клучни закани за Македонија од безбедносен аспект се заканата од насилен екстремизам и радикализам, организираниот криминал, тероризмот, делување на странски служби кои сакаат или имаат интерес да ги поткопаат напорите на земјата во приклучувањето кон НАТО и ЕУ. Постојат и други закани за кои земјата има мал капацитет за справување како на пример сајбер напади и информатичка безбедност, опасноста од миграции и нови мигрантски и бегалски кризи, па и такви кои се сериозни а не се од безбедносна природа како на пример природни катастрофи како поплави.

Членството во НАТО значи промовирање на демократски вредности и институционални реформи кои ја зајакнуваат внатрешната стабилност на земјата и од тука и безбедноста – Пецо Трајкоски

Но, клучно е да се размислува за тоа што сериозен број на луѓе од Македонија заминаа на боиштата на Блискиот исток, пред се во Сирија и Ирак, и со стивнувањето на воените дејства во тие земји, голем број од овие луѓе се вратиле или ќе се вратат, што е сериозен предизвик за безбедносните служби. Закана не е само верскиот радикализам, туку и етничкиот со секаков етнички предзнак. Уште една сериозна закана претставува потенцијалната конвергенција на насилниот екстремизам и организираниот криминал.

ЦИВИЛ Медиа: Кои се безбедносните аспекти на членувањето во НАТО? Како ќе влијае членството во НАТО на внатрешната и надворешната безбедност?

Трајкоски: НАТО  e олицетворение на трансатлантската врска со која безбедноста на САД е засекогаш врзана со безбедноста на Европа.  Солидарноста и кохезијата во рамките на Алијансата обезбедуваат ниедна земја членка да не биде приморана сама да се потпира на сопствените напори во справувањето со основните безбедносни предизвици.

Тешко е да се поделат безбедносните аспекти на членувањето на НАТО на внатрешни и надворешни бидејќи надворешната и внатрешната безбедност се взаемно поврзани.

Членството во НАТО базирано на принципот на колективната безбедност значи оти земјата е безбедна од надворешни напади, блиски или далечни надворешни непријатели, што директно ќе придонесе кон зајакнување на мирот и стабилноста, но и подобрување на регионалната безбедност и соработка, со оглед што повеќето наши соседи исто така се или ќе бидат членки на НАТО.

Парадигмата на солидарна безбедност и соработка поттикнува соработка околу бројни прашања борба против тероризмот, пролиферација на оружје за масовно уништување, сајбер одбрана, енергетска безбедност, планирање за итни ситуации, рано предупредување за  безбедносни предизвици со цел превенирање на идни кризи, подеднакво значајни за двата аспекти на безбедноста.

Но, особено во поглед на внатрешната безбедност, членството во НАТО исто така значи промовирање на демократски вредности и институционални реформи кои ја зајакнуваат внатрешната стабилност на земјата и од тука и безбедноста. Зајакнувањето на безбедносните институции подразбира и подигнување на внатрешните безбедносни стандарди, подобра техничка опременост и обученост и мотивиран кадар.

Сите објави од: Колумни

#ЗачекориНапред  #изборотЕтвој