Анализа : Здравство

ВОВЕД

Државите членки на Европската Унија (ЕУ) имаат примарна одговорност да го организираат системот на здравствена заштита и да обезбедат здравствени услуги и медицинска заштита и нега за своите граѓани. Здравствените политики на ЕУ служат за да ги надополнат националните здравствени политики и да обезбедат дека сите држави членки соодветно ќе ја вклучат здравствената заштита во своите политики.

Во таа насока, политиките и акциите на ЕУ во областа на здравството ги имаат следните цели:

  • да го заштитат и да го унапредат здравјето на сите граѓани на Европската Унија,
  • да ја помогнат модернизацијата на здравствената инфраструктура и
  • да ја подобрат ефикасноста на здравствените системи во Европа.

 За да се остварат овие цели, ЕУ усвојува легислатива во однос на здравството, која е задолжителна за државите членки, и повеќегодишни Стратегии за здравје, кои претставуваат насоки и можност за прибирање средства на државите членки на ЕУ. Здравствената политика/стратегија на Европската Унија ја спроведуваат институциите во ЕУ, државите, регионалните и локалните власти, како и други заинтересирани групи.

ПРЕДИЗВИЦИ

1) Здравствена политика и финансирање. Политиките во здравството во Македонија често се усвојуваат без соодветна проценка на состојбите и поради тоа не соодветствуваат на реалните потреби на граѓаните. Буџетот за здравство не е прогресивен и не е развоен  и воедно не ги задоволува критериумите за искористување на максимално расположливите средства, како ни принципите за недискриминација и еднаков пристап на сите граѓани до здравствената заштита. Редовна практика е во текот на годината да се кратат веќе алоцираните средства наменети за здравствените програми, што резултира со фактот голем дел од здравствените политики да не се соодветно буџетирани, а здравствените политики да не се спроведуваат во согласност со планираното. Оваа состојба има особено негативно влијание врз ранливите групи на населението, како што се жените, мајките и децата, Ромите, лицата коишто живеат со ретки болести и некои други групи од населението.

2) Здравствен систем. Здравствениот систем во нашата земја не може да ја даде потребната здравствена заштита. Поради недостиг на одредени здравствени услуги за лекување во 2017 година 327 граѓани поднеле барање за лекување во странство до Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), од кои на 219 лица им било одобрено лекување на товар на ФЗО. Според македонската регулатива, во странство може да биде одобрено само лекување, а не и дијагностика, што им е потребно особено на лицата со ретки болести, лицата кои боледуваат од заболувања со ниска стапка на зачестеност, како и од комплексни заболувања. Кај овие лица, со месеци, а во одредени случаи и со години, не може да биде воспоставена дијагнозата, со што значително се нарушува здравјето и квалитетот на животот, а одредени случаи завршуваат и со фатални последици.

Во нашата држава од нејзиното осамостојување до денес не се воспостави квалитетна и одржлива алатка за планирање и предвидување на работната сила во здравството. Затоа низ годините не постоеше соодветно распределување на потребната едукација на медицински кадар (специјализации за докторите, едукација на акушерки и сл.), ниту, пак, вработување на медицински кадар соодветно на потребите. Така денес имаме недоволен број медицински кадар, особено недостасуваат доктори од следните специјалности: гинекологија и акушерство, педијатрија, урологија, анестезиологија, патологија и сл. Евидентен е и недостигот на акушерки, како и медицински сестри. Дополнително на ова, просечната возраст на докторите специјалисти е доста висока, така што за период од пет години голем дел од нив ќе заминат во пензија. Дополнителен сериозен проблем на Македонија е одливот на медицински кадар, при што во изминатите седум години 1207 лекари ја напуштиле државата. Доколку не се преземат соодветни мерки, во брзо време здравствениот систем во Македонија ќе се соочи со сериозен недостиг на здравствен кадар.

Кај нас не постои систем за оценување на перформансите на здравствениот систем, па тој не располага со соодветни податоци за оценување на перформансите и за потребите за унапредување.

Здравствената статистика во Македонија се соочува со низа предизвици, од немањето регистри за хроничните заболувања, па до непостоењето унифициран систем за водење, обработка и анализа на податоците што се прибираат во здравствениот систем. Дополнителни проблеми претставуваат недоволниот број податоци што се прибираат, како и осигурувањето на квалитетот на податоците што се прибираат.

3) Унапредување на здравјето на населението (јавното здравје). Здравствените политики за унапредување на јавното здравје честопати не се базираат на реалните потреби и за нив не се алоцираат соодветни буџетски средства, па поради тоа тие не се спроведуваат соодветно на планираното. Околу 50 % од жените на репродуктивна возраст и 16 в% од децата на возраст под 5 години се со прекумерна телесна тежина, што укажува на несоодветна исхрана и недоволна физичка активност. Во Македонија има близу 700.000 пушачи (35 % од населението), над 60.000 лица се зависни од алкохол, а околу 300.000 лица имаат здравствени проблеми поврзани со алкохолот. Алкохолот претставува проблем и за младата популација; речиси 40 % од учениците на возраст од 16 години консумирале алкохол најмалку еднаш во последниот месец, додека 25 % од учениците консумирале повеќе од пет алкохолни пијалаци одеднаш.

4) Фармацевтски производи и супстанции од човечко потекло, вклучувајќи ја и трансплантацијата на ткива и органи. Клучен проблем е што во Македонија состојбата со трансплантација на ткива и органи е на незавидно ниско ниво, иако има голем број лица на кои им е потребна трансплантација. Во однос на квалитетот на фармацевтските производи во Македонија има соодветна легислатива и регулаторни тела кои го гарантираат квалитетот на овие производи. Меѓутоа, многу чести се поплаките на лицата кои примаат хронична терапија во поглед на квалитетот на одредени фармацевтски производи. Наспроти тоа, многу ретко се пријавуваат несаканите дејства од фармацевтските производи, како од страна на здравствените работници така и од страна на пациентите.

5) Интеграцијата на Ромите и унапредувањето на здравјето на Ромите. Многу мал дел од првиот Национален акционен план за здравје на Ромите за периодот 2005 – 2014 година е спроведен во практиката, што се должи пред сè на недоволната алокација на средства за имплементација на Националниот акционен план за здравје на Ромите. Во 2014 година се усвоени нова Стратегија за Ромите (2014 – 2020 г.), како и нов Национален акционен план за здравје на Ромите (2015 ‒ 2020 г.). Од 2015 г. до денес многу мал дел од Планот е реализиран и повторно не се алоцираат доволно средства за неговото спроведување. Како резултат на тоа Ромите сè уште се соочуваат со понеповолни здравствени исходи и поголем степен на дискриминација во системот на здравствена заштита за разлика од останатото население. Најсоодветен показател за оваа состојба е тоа што животниот век на Ромите во просек е за десет години покус за разлика од останатото население.

ФАКТИ ЗА ЕУ

Компаративни податоци за состојбите и предизвиците во здравствеото на ЕУ во целина, во одделни земји од нашиот регион (Бугарија, Хрватска и Словенија) и здравствениот профил на Македонија во споредба со состојбите во ЕУ

Последните податоци за состојбите во здравството во ЕУ и во нејзините држави членки укажуваат на низа предизвици со кои тие се соочуваат во обезбедување на навремена, соодветна и  целисходна здравствена заштита. Заради надминување на заедничките и индивидуалните предизвици, од 2016 година Европската комисија, во соработка со Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) и Европската опсерваторија за здравствените системи и политики, презеде двегодишна иницијатива која им овозможува на креаторите на политиката, на заинтересираните актери и групи и здравствените работници, да добијат увид во фактичките, компаративни податоци за здравствените состојби и функционирањето на здравствените системи во земјите на ЕУ.

Како резултат на оваа иницијатива подготвени се повеќе извештаи, од кои Здравјето на прв поглед: Европа, подготвен од ОЕЦД (верзија од ноември 2016 година), кој дава увид во состојбите во здравството во ЕУ. Исто така, подготвени се 28 профили на здравствената состојба на секоја држава членка, кои даваат увид во  индивидуалниот контекст и специфичностите на секоја од земјите на ЕУ и наедно ги проценуваат силните страни и предизвиците во нивните здравствени системи. Подготвен е и Извештајот за придружник, објавен заедно со профилите за здравствената состојба во земјата, кој ги издвојува заклучоците, ги поврзува заедничките приоритети на политиката во земјите на ЕУ и го истражува опсегот за заемно учење меѓу државите членки. На крајот од двегодишниот циклус, здравствените власти во земјите на ЕУ можат да побараат заеднички средби/соработка со експертите од оваа иницијатива со цел подобро да ги разберат наодите и, што е уште побитно, соодветно да одговорат на предизвиците.

1) Состојби во ЕУ

Податоците за состојбите во Унијата укажуваат на три клучни заклучоци и потребни интервенции со цел да се обезбеди потребната здравствена заштита и нега, и тоа:

  • Потребна е поефективна превенција и квалитетна нега за да се постигнат понатамошни придобивки за здравјето на населението и намалување на здравствените нееднаквости во земјите на ЕУ. Очекуваното траење на животот во државите членки на ЕУ е зголемено за повеќе од шест години од 1990 година, односно од 74,2 години во 1990 година на 80,9 години во 2014 година, но сепак нееднаквостите опстојуваат меѓу земјите членки и во рамки на секоја од нив. Значителен напредок е постигнат во намалувањето на потрошувачката на тутун во повеќето земји на ЕУ преку кампањи за подигање на јавната свесност, регулатива и оданочување. Сепак, над едно од пет возрасни лица во земјите на ЕУ продолжуваат да пушат секој ден. Над едно од пет возрасни лица во земјите на ЕУ пријавиле во 2014 година тешко/прекумерно консумирање на алкохол најмалку еднаш месечно. И едно од шест возрасни лица во земјите на ЕУ има прекумерна тежина во 2014 година, за разлика од 2000 година кога со овој проблем се соочувало едно од девет лица. Квалитетот на нега генерално е подобрен во повеќето земји на ЕУ, но сепак постојат разлики. Подобрените третмани за животно-загрозувачките состојби, како што се срцевите напади, мозочните удари и неколку видови рак, довеле до повисоки стапки на преживување, но во многу земји има уште простор за подобрување на примената на најдобрите практики во акутната нега и хроничната нега.
  • Обезбедувањето на универзален пристап до грижа е од клучно значење за намалување на здравствените нееднаквости. Постојани подобрувања на здравјето на населението и намалување на здравствените нееднаквости можат да се постигнат со обезбедување на универзален пристап до висококвалитетна нега. Повеќето земји од ЕУ имаат постигнато универзално (или речиси универзално) покривање на трошоците за здравствена заштита за основниот пакет на услуги. Сепак, четири земји во ЕУ (Кипар, Грција, Бугарија и Романија) во 2014 година сè уште имале повеќе од 10 % од своето население коешто не било редовно осигурено. Покриеноста на целото население со јавно или приватно здравствено осигурување е важен индикатор за пристапот до здравствената заштита, но не е и единствен. Опсегот на услуги и степенот на делење на трошоците за здравствените услуги, исто така, може да имаат значајно влијание врз трошоците на пациентите и финансиската достапност. Во повеќето земји на ЕУ, делот на населението кое има незадоволени здравствени потреби поради финансиски причини е доста низок и се намалува низ годините, но, како резултат на економската криза, овој дел се зголемил од 2009 година во неколку земји, особено меѓу домаќинствата со најнизок приход. Па, така, во 2014 година сиромашните луѓе имаат десет пати поголеми шанси да пријават незадоволени медицински потреби од финансиски причини отколку просечно богатите луѓе во земјите на ЕУ. Секое незадоволување на здравствените потреби може да резултира со полош здравствен статус и со тоа со зголемување на здравствените нееднаквости. Обезбедувањето на ефективен пристап до здравствена заштита, исто така, бара доволен број и различен вид даватели на здравствени услуги во различни географски региони во земјата. Од 2000 година, бројот на лекарите по глава на жител се зголемил во речиси сите земји на ЕУ во просек за 20 % (со пораст од 2,9 лекари на 1.000 жители во 2000 година до 3,5 во 2014 година). Сепак, бројот на специјалисти расте побрзо од бројот на општи лекари, така што сега има повеќе од два специјалиста на секој општ лекар низ земјите на ЕУ. Во многу земји постојат и постојани или растечки проблеми во врска со нееднаквата географска распределба на лекарите, при што луѓето кои живеат во руралните и оддалечените области често се недоволно опслужени. Многу земји од ЕУ во последните години преземаат мерки за да го зајакнат пристапот до давателите на примарна здравствена заштита за целото население, каде и да живее, за да ги намалат нееднаквостите во пристапот и да ги избегнат непотребните хоспитализации.
  • Зајакнување на издржливоста, ефикасноста и одржливоста на здравствените системи. Стареењето на населението, во комбинација со големи буџетски ограничувања, бара сериозни приспособувања на здравствените системи на земјите на ЕУ со цел да се промовира здравото стареење и да се одговори на поинтегриран начин кој одговара на здравствените потреби на пацинетите, како и на трендот на менување на здравствените потреби и начинот на обезбедување на здравствената заштита. Во просек, во земјите на ЕУ, учеството на населението на возраст над 65 години се зголеми од помалку од 10 % во 1960 година на речиси 20 % во 2015 година и се планира да се зголеми до 30 в% до 2060 година. Во моментов, се проценува дека околу 50 милиони граѓани на ЕУ страдаат од две или повеќе хронични состојби, а повеќето од овие луѓе се над 65 години. Во 2015 година трошоците за здравство изнесувале 9,9 % од БДП во ЕУ како целина, што е зголемување од нивото 8,7 % во 2005 година. Во сите земји учеството на трошоците за здравство во БДП во наредните години ќе се зголеми, главно поради стареењето на населението и зголемувањето со нови дијагностички и терапевтски технологии, а исто така ќе се зголемуваат притисоците врз владите да одговорат на зголемените потреби за долгорочна нега. За да ги надминат  овие предизвици, земјите членки на ЕУ ќе треба да ги подобрат планирањето и организацијата на услугите и да ги приспособат здравствените системи со цел да можат да одговорат на новите потреби на најефикасен начин. Здравствените системи, исто така, ќе мора да останат фискално одржливи. Зголемувањето на ефикасноста во однос на болничките трошоци, трошоците за фармацевтски производи, администрацијата и другите ставки за здравствени трошоци ќе бидат клучни за задоволување на растечките барања со ограничени ресурси. Многу од потребните подобрувања во здравствените системи треба да вклучат однапред испланирани инвестиции. И додека земјите размислуваат како најдобро да одвојат дополнителни средства за потребите на здравството, во иднина важно е да се одржи добра рамнотежа меѓу инвестициите во политиките за подобрување на јавното здравје и превенција и политиките за подобрување на пристапот, квалитетот и ефикасноста во обезбедувањето на здравствената заштита.

3) Здравствен профил на Македонија и споредба со состојбите во Европската Унија

Во однос на клучните здравствени индикатори, состојбите во Македонија се понеповолни во однос на земјите од Европската Унија.

  • Очекуваниот животен век во Македонија во 2014 година изнесува 75,4 години, што претставува за пет години пократок животен век од животниот век на граѓаните на Европската Унија (80,9 години е просекот во 28-те држави членки на ЕУ). Очекуваниот животен век во Македонија, наспрема ЕУ, е пократок и за жените (Македонија = 77,5 години, ЕУ = 83,6 години), како и за мажите (Македонија = 73,5 години, ЕУ = 78,1 година).
  • Стапката на смртност во Македонија е речиси двојно повисока за разлика од земјите членки на ЕУ. Во периодот 2011 ‒ 2013 година стапката на смртност во Македонија изнесува 1.734 смртни случаи на 100.000 жители, наспрема 1.020 смртни случаи на 100.000 жители во 28-те земји членки на ЕУ.
  • Стапката на доенечка смртност во Македонија во 2016 година е четири пати повисока во однос на просекот од 28-те земји членки на ЕУ, па така во Македонија таа изнесува 11,9 умрени доенчиња на 1.000 живородени, додека во ЕУ изнесува 3,9 умрени доенчиња на 1.000 живородени.
  • Водечка причина за смртноста претставуваат кардиоваскуларните заболувања, а на второ место се карциномите, како кај нас така и во државите членки на ЕУ. Кога се разгледуваат одделните причини за смрт, мора да се спомене дека при споредбата на состојбите во Македонија и во земјите на ЕУ се забележуваат големи варијации и одредени недоследности. Оваа состојба во одреден степен се должи и на несоодветното водење на здравствената статистика во Македонија, што е нотиран проблем во нашата држава со години наназад. На пример, стапката на смртност од инфаркт на срцето во 2013 година во Македонија е малку повисока за разлика од просекот во 28-те држави членки на Европска Унија, како за мажите (Македонија = 188 смртни случаи на 100.000 жители, ЕУ = 176 смртни случаи) така и за жените (Македонија = 103 смртни случаи, ЕУ = 99 смртни случаи). Меѓутоа, стапката на смртност од мозочен удар во Македонија во истата година е речиси четири пати повисока за разлика од просекот во 28-те држави членки на ЕУ, како за мажите (Р. Македонија = 383 смртни случаи, ЕУ = 96 смртни случаи) така и за жените (Р. Македонија = 345 смртни случаи, ЕУ = 82 смртни случаи). Во однос на стапката на смртност од карцином, податоците во Македонија и просекот во ЕУ се речиси идентични.
  • Во однос на заразните заболувања, стапката на откриени случаи на ХИВ во Македонија останува ниска и во 2014 година е пониска од просекот во 28-те земји членки на ЕУ, додека стапката на откриени случаи на туберкулоза во Македонија е нешто повисока за разлика од просекот во ЕУ (Македонија = 13,7 случаи на 100.000 жители, ЕУ = 12,8 случаи). Меѓутоа, процентот на доцна откриени случаи на ХИВ во Македонија е за три пати повисок од просекот во 21 земја членка на ЕУ во 2014 година (80 % од ХИВ случаите во Македонија се со задоцнета дијагностика, а само 27 % во земјите на ЕУ).
  • Цо однос на карциномите, во Македонија стапката на новооткриени карциноми во 2012 година е пониска од просекот на 28-те земји членки на ЕУ. Највисока стапка на новооткриени случаи на карцином имаат најразвиените земји во Европа, вклучувајќи ги Данска, Франција, Холандија, Белгија и Норвешка. Ниската стапка на новооткриени карциноми делумно се должи и на ненавременото откривање на карциномите, како и на несоодветното водење на здравствената статистика и немањето регистри за карцином. Имено, горенаведените земји со највисоки стапки имаат високоразвиени програми за превенција и скрининг-програми за рано откривање на карциномот и навремено лекување, како и соодветна здравствена статистика за регистрирање на секој откриен случај на карцином. Несоодветните програми за скрининг, како и недоволната едукација на населението, води до тоа карциномите да се откриваат во подоцнежни стадиуми, кога се ограничени можностите за лекување и за овозможување на подолг животен век на пациентите со карцином.
  • Населението во Македонија во 2013 година е изложено на три пати повеќе загаден воздух во споредба со просекот од 23 земји членки на ЕУ. Односно, во просек на годишно ниво населението во Македонија е изложено на загаден воздух со просечна концентрација на ПМ 10-честички во износ од 65 микрограми на метар кубен, додека просекот во земјите членки на ЕУ изнесува 23 микрограми на метар кубен. Загадениот воздух го зголемува ризикот од појава на низа здравствени проблеми и заболувања (вклучувајќи ги респираторните заболувања, карциномите и кардиоваскуларните заболувања), а особено ранлива група претставуваат децата и старите лица.
  • Трошоците за здравство во Македонија се за четири пати пониски во однос на просекот на 28-те земји членки на ЕУ. Односно, во 2015 година трошоците за здравство по глава на жител во Македонија изнесувале 698 евра на годишно ниво, додека просекот во ЕУ изнесува 2.781 евра по глава на жител. Но, во Македонија во 2014 година приватните трошоци (трошоците на самите пациенти) се повеќе од двојно повисоки од просекот во 28-те земји членки на ЕУ, додека трошоците од програмите на Владата во Македонија се за седум пати пониски од просекот во ЕУ. Изразено во проценти, трошоците за здравство во Македонија во 2014 година се следните: 5 % од програмите на Владата, 58 % од Фондот за здравствено осигурување и 37 % приватни плаќања. Изразено во проценти, трошоците за здравство за 28-те земји членки на ЕУ во 2014 година се следни: 37 % од програми на владите, 42 % од задолжителното здравствено осигурување, 15 % приватни плаќања, 5 % од доброволно здравствено осигурување, а 1 % отпаѓа на другите трошоци. Приватните трошоци за здравство во Македонија изнесуваат 3,5 % од вкупните просечни трошоци по домаќинство, додека во 28-те земји членки на ЕУ изнесуваат 2,3 % од вкупните просечни трошоци по домаќинство.
  • Во Македонија има помал број на доктори во однос на просекот на 28-те земји членки на ЕУ (во 2014 година во Македонија има 2,9 доктори на 1.000 жители, наспрема 3,5 доктори на 1.000 жители во ЕУ). Во бројката за Македонија земени се предвид и докторите кои не практикуваат медицина, односно доктори на менаџерски позиции, наставници, истражувачи и слично, па така реалната бројка е за 5 ‒ 10 % пониска.
  • Бројот на медицински сестри во Македонија е двојно понизок во однос на 28-те земји членки на ЕУ (во Македонија во просек има 4 медицински сестри на 1.000 жители, наспроти 8,4 медицински сестри во ЕУ). За Македонија предвид се земени и медицинските сестри кои работат на менаџерски позиции, како наставници, истражувачи и слично, така што бројот на сестри кои работат со пациенти е понизок.
  • Соодносот на бројот на медицински сестри наспрема еден доктор во Македонија е понизок за разлика од просекот во 28-те земји членки на ЕУ. Односно, во Македонија во просек има 1,4 сестри на еден доктор, додека во ЕУ просекот изнесува 2,5 сестри на еден доктор. Несоодветниот сооднос, односно недостигот на сестри, значително ја оптоварува работата на докторите и влијае врз квалитетот на дадената здравствена заштита.
  • Во однос на медицинската технологија се разгледува достапноста и користењето на магнетната резонанција (МР) и компјутерската томографија (КТ). Во Македонија има за пет пати помал број на одделенија за магнетна резонанција во споредба со просекот на 28-те земји членки на ЕУ во 2014 година. Односно, во Македонија има 2,9 одделенија со МР на 1 милион жители, наспрема просекот во ЕУ кој изнесува 15,4 одделенија со МР. Соодветно на тоа, во Македонија се прават седум пати помалку прегледи со МР на годишно ниво, за разлика од просекот на 28-те земји членки на ЕУ во 2014 година (Македонија = 9,9 прегледи, ЕУ = 67,5 прегледи). Во Македонија има три пати помал број на одделенија со компјутерска томографија во споредба со просекот на 28-те земји членки на ЕУ во 2014 година. Односно, во Македонија има 7,3 одделенија со КТ на 1 милион жители, наспрема просекот во ЕУ кој изнесува 21,4 одделенија со КТ. Соодветно, во Македонија се прават пет пати помал број прегледи со компјутерска томографија во споредба со просекот во ЕУ (Македонија = 25,4 прегледи, ЕУ = 118,1 прегледи). Од погоренаведеното може да се заклучи дека граѓаните во Македонија имаат ограничен пристап до современите медицински технологии за разлика од граѓаните на Европската Унија. Несоодветниот пристап до овие технологии може да значи ненавремена и несоодветна дијагностика и третман, што сериозно влијае врз здравјето и животот на граѓаните.
  • Бројот на амбулантски изведени хируршки процедури во ЕУ константно се зголемува. Во Македонија во 2014 година само 30 % од операциите на катаракта и 2 % од тонзилектомиите биле изведени амбулантски, а во истата година просекот во 25 држави членки на ЕУ е 82 % амбулантски изведени операции на катаркта, додека просекот во 22 држави членки на ЕУ е 28 % амбулантски изведени тонзилектомии.

ПРИДОБИВКИ ЗА МАКЕДОНИЈА ОД ЧЛЕНСТВОТО ВО ЕУ

Имајќи ги предвид предизвиците со кои се соочува здравството во нашата земја, зачленувањето во ЕУ ќе значи  можност за остварување на низа придобивки во однос на:

  • Здравствената политика и финансирање

Здравствените политики на ЕУ служат за да ги надополнат националните здравствени политики и да обезбедат дека сите држави членки соодветно ќе ја вклучат здравствената заштита во своите политики. Политиките и акциите на ЕУ ќе ѝ овозможат на Македонија да го заштити и да го унапреди здравјето на сите граѓани; да ја модернизира здравствената инфраструктура; и да ја подобри ефикасноста на здравствениот систем. ЕУ усвојува легислатива во однос на здравството, која е задолжителна за државите членки, и повеќегодишни Стратегии за здравје, кои претставуваат насоки и можност за прибирање на средства на државите членки на ЕУ заради унапредување на здравствените системи и здравјето на населението. Здравствената политика/стратегија на Европската Унија ја имплементираат институциите во ЕУ, државите, регионалните и локалните власти, како и други заинтересирани групи. Дирекцијата на Европската комисија за здравство и безбедност на храна (DG SANTE) ги поддржува напорите на земјите на ЕУ да го заштитат и да го подобрат здравјето на своите граѓани и да обезбедат пристапност, ефективност и отпорност на нивните здравствени системи. Во оваа смисла, Комисијата предлага законски решенија, обезбедува финансиска поддршка, го координира разменувањето на добри практики меѓу земјите на ЕУ и здравствените експерти и презема активности за промоција на здравјето. ЕУ има усвоено законодавство во повеќе области (правата на пациентите во прекуграничната здравствена заштита; фармацевтски производи и медицински помагала; сериозни прекугранични здравствени закани; тутун;  и органи, крв, ткива и клетки) во согласност со Договорот за функционирање на Европската Унија: член 168 (заштита на јавното здравје), член 114 (приближување на законите) и член 153 (социјална политика). Советот на ЕУ, исто така, подготвува и дава препораки за јавното здравје на земјите членки на ЕУ.

Зачленувањето ќе значи и поврзување и надополнување на заложбите во областа на здравството со другите социјални права. Министерството за здравство и здравствениот систем ќе зајакнат и ќе бидат подготвени да одговорат на кризни состојби; ќе може да ​​зајакне, преку поддршка на дигиталната трансформација на здравјето и грижата, развојот на одржлив здравствен информатички систем на ЕУ и на националните реформски процеси за поефикасни, достапни и здравствени системи кои се брзо приспособливи да ги опфатат, особено, предизвиците идентификувани во Европскиот семестар; поддршка на законодавството на ЕУ за јавното здравје (лекови, ХТА, тутун, прекугранична заштита); и поддршка на интегрираната работа, односно имплементирање на најдобрите практики за поддршка на структурните иновации во јавното здравство.

  • Здравствениот систем и обезбедувањето на здравствената заштита

а) Граѓаните ќе имаат право да остварат здравствена заштита во која било држава членка на ЕУ, а при тоа трошоците за лекувањето да им бидат покриени од нивната држава (прекугранична здравствена заштита). Во согласност со Директивата 2011/24/ЕУ за правата на пациентите во прекуграничната здравствена заштита, значително ќе се олесни постапката за одобрување на лекување во странство за пациентите за кои не постои соодветен третман во Македонија, меѓутоа за првпат ќе се овозможи покривање на трошоците за лекување во странство за здравствени услуги кои се достапни во Македонија, но за кои е потребно долго време на чекање или поради одредени здравствени специфики пациентите не се во можност да ги користат. Исто така, за првпат ќе се овозможи покривање на трошоците за дијагностика во друга држава, што е особено важно за лицата за кои долг период не може да се воспостави дијагноза во Македонија, како што се лицата со ретки болести, лицата кои боледуваат од болести со ниска стапка на зачестеност, како и од други комплексни заболувања. Оваа мерка има свои ограничувања, така, на пример, пациент не може да користи здравствени услуги во друга држава доколку тие не се покриени со пакетот на услуги на Фондот за здравствено осигурување (на пример, пластична хирургија наменета за естетски цели). Исто така, оваа мерка не е наменета за долготрајно згрижување и нега на пациенти, на пример, во хосписи за палијативна нега, во домови за стари и тешко болни лица и слично. За да може да ја користи оваа мерка, граѓанинот мора да поседува здравствено осигурување во Македонија. Воедно, државата ќе одлучи дали ќе ги покрива и другите трошоци, како што се патните трошоци, трошоците за сместување и слично.

б) Зачленувањето во ЕУ ќе значи можност да се решаваат комплексни или ретки заболувања или состојби за кои се потребни високо специјализирана дијагностика и третман, како и користење на високо професионално знаење и ресурси преку Европските референтни мрежи. Доколку Македонија стане земја членка на ЕУ, главна придобивка од Европските референтни мрежи ќе имаат лицата кои боледуваат од ретки болести; иако официјално се регистрирани само 450 лица со ретки болести, претпоставката е дека во Македонија живеат околу 2.000 лица со ретки болести. Меѓутоа, тука треба да се додадат и лицата кои боледуваат од болести со ниска зачестеност (преваленца), како и лицата со комплексни медицински состојби. Особена придобивка ќе имаат оние лица кај кои не може да се воспостави дијагноза или, пак, не може соодветно да се одреди потребната терапија. Бидејќи токму основната цел на референтните мрежи е воспоставување на точна дијагноза и прецизно одредување на терапијата. Придобивка од оваа мерка ќе имаат и здравствените работници од Македонија, бидејќи преку референтните мрежи ќе се здобијат со знаења и искуства пренесени од страна на врвните медицински експерти од Европската Унија. Доколку Македонија стане земја членка на ЕУ, ќе биде должна како дел од здравствениот систем да воспостави механизам со кој ќе ги упатува пациентите за евалуација во референтните мрежи. Европските референтни мрежи претставуваат виртуелни мрежи кои вклучуваат здравствени работници од сите земји на Европската Унија.  Целта на овие мрежи е да се решаваат комплексни или ретки заболувања или состојби за кои се потребни високо специјализирана дијагностика и третман, како и концентрација на високо професионално знаење и ресурси. Со цел да се ревидира дијагностиката и третманот за секој пациент, координаторите на мрежите свикуваат „виртуелен“ конзилиум од специјалисти од различни области, користејќи посебна електронска платформа, како и алатки од телемедицината. На овој начин, наместо пациентот, од една до друга држава „патуваат“ знаењето и експертизата на различни здравствени професионалци.

в) Граѓаните на РМ ќе можат, на нивно барање, да креираат електронско медицинско досие до кое ќе имаат пристап сите здравствени установи во сите земји членки на ЕУ. Дигиталното здравство и здравствена заштита (е-здравство) во Европската Унија ќе им овозможи на граѓаните електронски пристап до нивното медицинско досие во која било земја членка на ЕУ. Медицинското електронско досие ќе се креира исклучиво по барање на граѓанинот и тој ќе треба да даде писмено одобрение, а при тоа ќе се почитува правото на приватност. Преку е-здравството ќе можат да се издаваат и електронски рецепти кои ќе бидат валидни во сите земји членки на ЕУ. Граѓаните на Македонија ќе имаат пристап до своето медицинско досие во секое време, во секоја здравствена установа, во сите земји членки на ЕУ.

Главните придобивки од оваа мерка се поврзани со прекуграничната здравствена заштита, опишана погоре, меѓутоа, доколку Македонија стане земја членка на ЕУ, придобивки од електронското здравство ќе имаат сите граѓани кои патуваат во земјите членки на ЕУ, без разлика дали патувањето е од деловна причина, туризам, студирање, работа или која било друга причина.

Поконкретно, придобивките од зачленувањето во ЕУ по однос на е-здравството се следните:

при користење на прекуграничната здравствена заштита, здравствената установа каде што пациентот ќе се лекува ќе има пристап до медицинското досие на пациентот на јазикот кој е официјален во државата во која пациентот се лекува. На овој начин ќе се избегне потребата пациентот да носи хартиена медицинска документација и да врши преводи на таа документација;

при ненадејно влошување на здравјето или, пак, несреќа, здравствената установа веднаш ќе има пристап до медицинското досие и ќе може да ги види клучните податоци, со цел да се избегнат грешки или непотребно губење на драгоцено време. Ова ќе овозможи давање навремена и соодветна здравствена заштита за граѓаните на Македонија во која било држава членка на ЕУ. На пример, во случај на сообраќајна незгода, здравствените работници веднаш ќе имаат увид за крвната група на пациентот, дали пациентот има алергии на лекови, дали има хронична болест, дали прима одредена терапија или, пак, дали има вградено одредени импланти, на пример, пејсмејкер.

преку електронскиот рецепт, кој ќе им биде препишан од нивниот матичен лекар, граѓаните ќе можат да ги подигнат потребните лекови од нивната хронична терапија во аптеките во која било држава членка на ЕУ. Ова е особено важно за лицата кои боледуваат од хронични заболувања (висок крвен притисок, срцеви заболувања, дијабет и слично), а за време на патувањето во држава членка на ЕУ им се потроши или ја изгубат својата терапија.

ќе се овозможи континуитет на здравствената заштита, доколку при патувањето има потреба од непредвидена медицинска контрола; ова е особено значајно за време на бременост или при одредени хронични заболувања. На пример, во случај на бременост, доколку жената отиде на гинеколог во која било држава членка на ЕУ, гинекологот ќе има увид во целокупното медицинско досие за следењето на бременоста.

г) Зачленувањето во ЕУ ќе значи можност за континуирано унапредување на познавањата и вештините на здравствената работна сила; континуиран професионален развој; соодветна миграција и спречување на неконтролираниот одлив на медицински кадар; вработување и задржување на здравствената работна сила; признавање на професионалните квалификации на здравствените работници, односно на здравствените работници и соработници лиценцирани во РМ и овозможување да практикуваат медицина во која било земја во ЕУ.  

Зачленувањето во ЕУ ќе значи заемно признавање на професионалните квалификации на здравствените работници, односно здравствените работници и соработници лиценцирани во својата земја ќе можат да практикуваат медицина каде било во ЕУ. Ова го овозможува Директивата 2005/36 / EC за признавање на професионални квалификации и Директивата 2013/55 / ​​ЕУ која ја измени директивата за професионални квалификации и ги поедностави правилата во однос на ова прашање.

Создавање на поточна слика за моделите на мобилност и миграција на здравствената работна сила во рамките на ЕУ и помеѓу ЕУ и другите земји како резултат на истражувачките проекти на ЕУ е, исто така, придобивка од зачленувањето во ЕУ. Имено, раководителите на здравствените институции, здравствените работници, Министерството за здравство и истражувачите и медицинскиот образовен кадар можат да станат членови на Европското здружение за управување со здравствените институции – European Health Management Association. Оваа организација се занимава со подобрување на капацитетите на здравствениот менаџмент со цел овозможување на висококвалитетна здравствена заштита.

Ублажувањето на негативните ефекти од миграцијата на здравствената работна сила врз здравствените системи е уште една придобивка од зачленувањето во ЕУ. Имено, како резултат на изразената миграција на здравствените работници во последниве децении, особено од земји со понизок приход и со веќе кревки здравствени системи, усвоен е Глобален кодекс на практики на СЗО за меѓународно регрутирање на здравствениот персонал. Тој има за цел да воспостави и да промовира доброволни принципи и практики за етичко меѓународно регрутирање на здравствениот персонал и да го олесни зајакнувањето на здравствените системи. Еден од овие принципи и практики е државите членки на ЕУ да го обесхрабрат активното вработување на здравствениот персонал од земјите во развој кои се соочуваат со критичен недостиг на здравствени работници.

Здравствените работници, како придобивка од зачленувањето во ЕУ, ќе можат да ги користат бенефитите на Стратегијата на ЕУ за ефективно регрутирање и задржување. Имено, една студија за ефективни стратегии за регрутирање и задржување од 2015 година утврдила дека нефинансиските фактори, како што е поддршката и безбедната работна средина, се важни за здравствениот персонал, особено за жените. И други студии ја потврдуваат поврзаноста помеѓу работната средина и задоволството на здравствениот персонал. Како резултат на оваа заложба, во рамки на Европскиот социјален дијалог во болничкиот и здравствениот сектор подготвен е Кодекс на однесување за етичко меѓугранично регрутирање и задржување во болничкиот сектор и План на активности за регрутирање и задржување.

Со зачленување во ЕУ, медицинските сестри и техничари ќе можат да ги користат придобивките од формираната пилот-мрежа на сестри едукатори и регулатори, која е основана со цел да се разменат најдобрите практики за подобрување на квалификациите на здравствените асистенти, со посебен акцент на прекуграничната мобилност. Оваа мрежа го анализира опсегот на вештини и компетенции на здравствените асистенти за потенцијална употреба во националните програми за едукација и обука.

Зачленувањето во ЕУ ќе значи и можност за учество во работата на Мрежата за развој на основни компетенции за помошници за здравствена заштита (HCA). Имено, во рамки на Програмата за здравство на Европската комисија за 2014 година, Извршната агенција за потрошувачи, здравје, земјоделство и храна на Европската комисија (CHAFEA) доделила тендер за конзорциум, предводен од холандскиот институт за истражување на здравствени услуги NIVEL, да спроведе студија (CC4HCA) за интересот меѓу земјите на ЕУ за развојот на заеднички став за вештините, знаењата и компетенциите на здравствените асистенти (HCAs) во Европа.

Континуираниот професионален развој ‒ КПР ‒ на здравствените работници во ЕУ е предмет на разгледување на Акциониот план на Европската комисија за здравствената работна сила на ЕУ и се користи за заштита на безбедноста на пациентите во контекст на прекуграничната мобилност на здравствените работници и пациентите. Па, така, зачленувањето во ЕУ ќе значи можност за постојано разгледување на професионалниот развој и за доживотно учење за лекарите, медицинските сестри, стоматолозите, акушерките и фармацевтите. На пример, резултатите од оваа анализа објавени се во студијата  која ги разгледува континуираните можности за професионален развој и за доживотно учење за лекарите, медицински сестрите, стоматолозите, акушерките и фармацевтите во земјите на ЕУ и ЕФТА.

Зачленувањето во ЕУ претставува и можност за членување и користење на придобивките од работењето на таканаречените Секторски сојузи за вештини и ќе резултира со можност за справување со недостатоците во вештините во однос на еден или повеќе професионални профили во одреден сектор. Тие го прават тоа преку идентификување на постојните или новите специфични потреби на пазарот на трудот и преку зголемување на одговорноста на системите за стручно образование и обука на сите нивоа на потребите на пазарот на трудот. Прв пилот на секторски сојуз на вештини во здравствениот е секторот ECVET за нега на постари лица (ЕФЕЦ). Ова транснационално партнерство на организации од шест земји од ЕУ има за цел да ја подобри споредливоста, транспарентноста и заемното признавање на квалификациите на негувателите кои ги применуваат принципите на ECVET. Во рамките на Еразмус + 2015 е објавен повик, во чиишто рамки и се доделени ваков вид партнерства за развој на секторските вештини од областа на здравството и грижата.  Во таа смисла, корист од идното објавување на вакви повици можат да имаат јавни или приватни организации, како што се: европски и/или национални социјални партнери; министерства за труд или поврзани тела (агенции или совети); јавни или приватни служби за вработување; институции за истражување на пазарот на трудот, државни статистички институции; јавни или приватни, мали, средни или големи претпријатија (вклучувајќи ги и социјалните претпријатија); агенции за економски развој; стопански комори; секторски или професионални здруженија на работодавци или вработени; комори на квалификувани занаети; европски или национални секторски чадор-организации; организации кои даваат обука или образовни услуги на локално, регионално или национално ниво; истражувачки институти; тела кои обезбедуваат кариерно унапредување, професионално советување и информативни услуги; јавни органи одговорни за образование и обука на регионално или национално ниво; органи за акредитација, лиценцирање, признавање или квалификација (тела со регулаторна функција) итн.

д) Можност за подобрување на перформансите на здравствениот систем во Македонија, вклучувајќи и унапредување на степенот на транспарентност и отчетност  

Со зачленувањето во ЕУ, здравствениот систем ќе биде предмет на оценување и анализа со што ќе се утврдат потребите за негово унапредување, односно граѓаните ќе можат да имаат увид во тоа дали здравствените политики резултираат со подобри здравствени резултати и со зголемување на ефикасноста во работењето во корист на пациентите. Министерството за здравство ќе може да креира здравствени политики засновани на докази и ќе може да ги мери перформансите на здравствениот систем низ текот на времето. Граѓаните, односно пациентите, ќе можат заедно со креаторите на политиките, статистичарите, истражувачите и давателите на здравствени услуги да работат на подобрување на перформансите на здравствениот систем. Зачленувањето во ЕУ ќе значи и подобрување на транспарентноста и отчетноста на здравствените системи.

3) Унапредувањето на здравјето на населението (јавното здравје). ЕУ нуди повеќекратни можности за спроведување соодветни активности за унапредување на јавното здравје на населението. Македонија ќе биде должна да ја усогласи законската регулатива која се однесува на следните четири области: употреба на тутун; здрава исхрана и физичка активност; алкохол; и социјални детерминанти на здравјето. Државата, јавните институции, граѓанските организации и други субјекти ќе имаат можност да членуваат во веќе воспоставените платформи и форуми од овие области со цел да разменуваат искуства и да ги осознаат добрите практики заедно со другите институции и организации од земјите членки на ЕУ. Ова ќе придонесе кон јакнење на капацитетите на релевантните субјекти од Македонија кои работат на полето на јавното здравје и унапредувањето на здравјето на населението. Воедно Македонија ќе може да аплицира на проекти финансиски поддржани од ЕУ кои имаат за цел унапредување на здравјето на населението.

Конкретно, според четирите области од јавното здравје, Македонија ќе ги има следните придобивки и можности од зачленувањето во ЕУ:

а) Можност за намалување на здравствените последици од употребата на тутунот по македонското населението. Законската регулатива на Европската Унија го предвидува следното: регулација на производите од тутун (на пример: пакувањето, означувањето, состојките и слично); ограничувања за рекламирањето на производите од тутун; создавање на средини без чад од цигари; даночни мерки поврзани со производите од тутун; спречување на незаконската трговија со тутун. Советот на ЕУ им препорачува на државите членки да преземат кампањи и едукативни активности со цел да се намали бројот на лица кои консумираат производи од тутун.

б) Унапредување на здравата исхрана и физичката активност помеѓу населението, со посебен акцент кај децата и младите. Активностите поврзани со здравата исхрана и физичката активност се неопходни за унапредување на здравјето и за спречување на појавата на заболувања. Во Стратегијата на ЕУ за исхрана, прекумерна телесна тежина и здравствени проблеми поврзани со дебелината се зацртани четири главни принципи: 1) третирање  на базичните причини за ризиците по здравјето заради намалување на сите ризици поврзани со несоодветната исхрана и ограничената физичка активност; 2) спроведување политики во различни владини сектори и политики на различни нивоа, користејќи низа инструменти (легислатива, вмрежување, јавно-приватни пристапи, вклучување на приватниот сектор и граѓанското општество); 3) активности од различни приватни актери, како што се индустријата за храна и граѓанското општество, како и од актерите на локално ниво, како што се училиштата и организациите базирани во заедницата и 4) мониторинг кој е неопходен во периодот на спроведување. Стратегијата предвидува партнерство и вмрежување на европско ниво, како и зајакнување на капацитетите на национално и локално ниво. За да се овозможи координацијата и вмрежувањето на ниво на ЕУ, Европската комисија ја предводи Групата на високо ниво за исхрана и физичка активност во која членуваат претставници на владите на земјите членки на ЕУ. ЕУ-платформата за исхрана, физичка активност и здравје претставува форум во кој членуваат бизнис-оператори кои работат со храна, организации на потрошувачи, граѓански организации кои работат на полето на јавното здравје, како и научни и професионални организации. Овие две мрежи меѓусебно соработуваат за да се постигнат следните цели: намалување на консумацијата на сол, заситени масти, трансмасти и додадени шеќери; зголемен внес на овошје и зеленчук; да се намали изложеноста на децата на рекламирање на храна; зголемување на физичката активност и намалување на седентарното (седечкото) однесување; зголемување на стапката на доење; намалување на нееднаквоста во однос на исхраната и физичката активност.

Координацијата на ниво на Европска Унија резултирала со: намалување на шеќерот во готовите производи, особено во млекото; подготвен водич за здрава исхрана во училиштата и соодветна набавка на храна од страна на училиштата; подготовка на акциски планови за намалување на прекумерната телесна тежина кај децата; соодветно означување на составот на готовите производи; конкретни препораки и водичи за зголемување на физичката активност на населението; конкретни препораки за унапредување на спортот; како и за соодветно урбано планирање со цел промоција на физичката активност.

в) Намалување на последиците по здравјето на македонското население од консумирањето алкохол. Европската комисија, преку стратегии, акциони планови и фондови, ги поддржува државите членки на ЕУ да спроведуваат активности со цел намалување на штетите предизвикани од алкохолот. Комитетот за национална политика и акција за алкохолот (CNAPA) игра значајна улога во процесот на олеснување на соработката и координацијата помеѓу државите членки на ЕУ и придонесува кон понатамошниот развој на политиките, како и во спроведувањето на Стратегијата на ЕУ за поддршка на државите членки во намалувањето на штетите од алкохолот. Во Стратегијата и во работата на Комитетот се идентификувани следните пет приоритетни теми за работа: да се заштитат младите лица, децата и неродените деца од штетните влијанија на алкохолот; да се намалат повредите и смртните случаи од сообраќајни незгоди предизвикани од алкохолот; да се намалат штетите по здравјето предизвикани од алкохолот кај возрасните лица и да се намалат негативните ефекти врз работните места; да се информира, едуцира и да се подигне јавната свесност кај населението за негативните влијанија од штетното консумирање на алкохол, како и за соодветните шеми за консумација; и да се развијат и да се одржуваат механизми за заедничка база на податоци на ниво на ЕУ.

Европскиот форум за алкохол и здравје, пак, претставува платформа каде што релевантните институции, организации и асоцијации од државите членки можат да разменуваат искуства и соодветно да дејствуваат за намалување на штетите по здравјето од консумацијата на алкохол. Преку форумот сите заинтересирани страни од државите членки на ЕУ преземаат акции за да ги намалат штетните дејства од алкохолот, со посебен осврт на следното: спроведување на стратегии за намалување на консумацијата на алкохол од страна на малолетни лица; спроведување на програми за едукација и информација за штетните ефекти од алкохолот; развој на ефикасни заеднички пристапи преку заедницата со цел да им се обезбедат соодветни информации на потрошувачите на алкохол; акции за соодветно почитување на законската возраст  за продажба и служење на алкохол; интервенции кои промовираат ефективни промени во однесувањето меѓу децата и адолесцентите; соработка со цел да се промовира одговорноста и да се спречи неодговорното рекламирање и продажба.

г) Намалување на нееднаквостите во поглед на здравјето предизвикани од социјалните детерминанти на здравјето. Со цел соодветно да бидат третирани здравствените нееднаквости, ЕУ промовира политики и им помага на властите во државите да ги намалат овие нееднаквости.  Комуникацијата на Европската комисија „Солидарност во здравјето – намалување на нееднаквостите во здравјето во ЕУ“ постави првична стратегија во оваа област, во која е вклучено следното: проценка на политиките на ЕУ во однос на здравствените нееднаквости; прибирање соодветни податоци во однос на здравствените нееднаквости и позитивни стратегии за нивно намалување; како и обезбедување информации на земјите членки за ЕУ-фондовите со цел соодветно да ги надминат здравствените нееднаквости. Издвоени се следните клучни теми кои треба да се решаваат од страна на ЕУ и од страна на државите членки: рамноправна дистрибуција во однос на здравјето како дел од целокупниот социјален и економски развој на земјите; унапредување на податоците и базата на знаење, како и механизми за мерење, мониторинг, евалуација и известување; градење на посветеност во рамките на целото општество; решавање на потребите на ранливите групи; развивање поддршка од страна на политиките на ЕУ. За секоја од дефинираните клучни теми во документот е предвидено кои активности треба да бидат преземени на ниво на ЕУ со цел да им се помогне на земјите членки соодветно да ги третираат социјалните детерминанти на здравјето и да ги намалат здравствените нееднаквости.

4) Фармацевтските производи и супстанциите од човечко потекло, вклучувајќи ја и трансплантацијата на ткива и органи

а) На пазарот ќе можат да бидат пуштени само висококвалитетни медицински производи, а во случај на појава на одредени проблеми ќе се овозможи навремено повлекување на небезбедните медицински производи. Ова ќе биде овозможено преку строгите критериуми на ЕУ за пуштање во промет на медицински производи, како и строгиот надзор над медицинските производи кои се веќе пуштени во употреба.

б) Овозможување услови за зголемен опфат со трансплантација на ткива и органи, како и унапредување на безбедноста на крвта, клетките, ткивата и органите кои се користат во медицинските процедури. Нашата држава ќе треба да ги зајакне своите капацитети за спроведување на трансплантацијата, а воедно преку учеството во соодветните мрежи ќе се овозможи размена на органи со другите држави членки на ЕУ, како и со други држави.

5) Интеграцијата на Ромите и унапредувањето на здравјето на Ромите. Зачленувањето во ЕУ ќе резултира со унапредување на здравјето на Ромите, односно Р. Македонија ќе има можност да го унапреди планирањето и спроведувањето на Стратегијата за Ромите и Националниот акционен план за здравје на Ромите. Доколку станеме држава  членка на ЕУ, ќе можеме да ја користиме директната помош и поддршка од Европската комисија за да го унапредиме постојниот или да подготвиме нов Национален акционен план за здравство. Исто така, националните и локалните власти, како и граѓанските организации и самата ромска заедница, ќе можат да учествуваат во мрежите и твининг-програмите воспоставени од ЕК за јакнење на нивните капацитети и за размена на добри практики. Воедно, за првпат ќе бидеме директно и редовно мониторирани од ЕУ во поглед на имплементацијата на Стратегијата за Ромите и Националниот план за здравство, со што ќе се зајакне отчетноста на државата за доследно имплементирање на Планот.

  1. ДОСТАПНИ ФОНДОВИ И ЛИНКОВИ

Доколку Македонија стане членка на Европската Унија, ќе има пристап до фондови заради унапредување на здравствените политики, здравствениот систем, здравствената заштита и унапредувањето на здравјето на граѓаните. Средствата кои ќе ни бидат на располагање за унапредување на здравството во земјата ќе придонесат кон зголемување на средствата кои во моментот ни стојат на располагање од национални извори (во моментов, просечниот буџет за здравство годишно изнесува 498 милиони евра), со што ќе се овозможи максимизирање на расположливиот износ на средства за унапредување на здравјето на граѓаните.

Со зачленувањето во ЕУ, Македонија ќе има пристап до повеќе фондови за финансирање на  здравство, односно до можности за финансирање преку:

  1. a) Програмата за здравство на ЕУ, чија стратешка определба е обезбедување добро здравје и здравствена заштита и се фокусира на главните приоритети на Европската комисија, односно: работни места, раст и инвестиции (здравјето на населението и здравствените услуги како продуктивен фактор за раст и работни места); внатрешен пазар (за лекови, медицински помагала, директива за прекугранична здравствена заштита и проценка на здравствените технологии); единствен дигитален пазар (вклучувајќи и е-здравство); правда и фундаментални права (борба против здравствените нееднаквости); миграциона политика; и безбедност (подготвеност и управување со сериозни прекугранични здравствени закани).

Програмата за здравство е инструмент за финансирање за поддршка на соработката помеѓу земјите на ЕУ и поддржува и развива здравствени активности на ЕУ. Таа е предмет на договор и усвојување помеѓу Европскиот парламент и Советот на ЕУ за период од неколку години. Во моментов се спроведува Програмата за здравство за периодот 2014 ‒ 2020 г. со буџет од 449,4 милиони евра. Оваа програма се однесува на 23 приоритетни области со следните специфични цели: промовирање на здравјето, спречување на болести и поттикнување на здрави животни стилови преку „здравје во сите политики“, заштита на граѓаните на ЕУ од сериозни прекугранични здравствени закани, да придонесе кон иновативни, ефикасни и одржливи здравствени системи и да го олесни пристапот до висококвалитетна, безбедна здравствена заштита за граѓаните на ЕУ. На оваа ѝ претходеа две здравствени програми, и тоа: 1-та здравствена програма на ЕУ (2008 ‒ 2013 г.) и 2-та здравствена програма на ЕУ (2003 ‒ 2007 г.).

Програмата за здравство се спроведува преку годишни програми за работа, при што се дефинираат приоритетни акции и критериуми за финансирање. Врз основа на ова, Извршната агенција за земјоделство и храна на потрошувачите (CHAFEA) организира повици за предлози за проекти и оперативни грантови, како и повици за заеднички активности и тендери. Учеството е отворено за широк спектар на организации, вклучувајќи: јавни власти; институции од јавниот сектор, особено истражувачки и здравствени институции; универзитети и високообразовни установи; и НВО. Постојат два главни механизма за финансирање: грантови и тендери, а видот на финансирање за секоја акција се утврдува секоја година во работниот план.

б) Инвестицискиот план за Европа, кој има за цел да ја зајакне конкурентноста и да ги промовира инвестициите во ЕУ, придонесувајќи за создавање работни места и одржлив раст. Основа на инвестицискиот план е Европскиот фонд за стратешки инвестиции (ЕФСИ), партнерство на Комисијата и Европската банка за инвестиции ‒ EIB, обезбедувајќи финансиска гаранција во вредност од 315 милијарди евра за инвестиции во период од три години до износ од 500 милијарди евра со продолжувањето до 2020 година. Приоритетни области за инвестирање во регулативата на ЕФСИ се нови здравствени решенија, лекови и социјална инфраструктура.

Предлозите за инвестиции во здравствениот сектор треба да се упатат до Европската банка за инвестиции, при што апликациите се оценуваат заеднички од страна на Банката и Инвестицискиот комитет на Европскиот фонд за стратешки инвестиции. Една од заложбите на Фондот е да се намалат бариерите за инвестирање и со тоа да се  олесни инвестирањето. Во оваа смисла основан е Европскиот инвестициски советодавен центар (EIAH) ‒ заедничка иницијатива на Европската комисија и Европската инвестициона банка, кој ги поддржува инвеститорите и промоторите во развојот на проекти, градење на капацитети и им обезбедува финансиски совети. Порталот за европски инвестициски проекти (EIPP) им овозможува на јавните и приватните промотори со седиште во ЕУ да го презентираат својот инвестициски проект и да дојдат до потенцијалните инвеститори од целиот свет.

в) Европските структурни и инвестициски фондови (ESIF), кои имаат за цел да ги намалат економските и социјалните нееднаквости помеѓу регионите во Европа. Додека земјите од ЕУ одлучуваат, ги дефинираат и спроведуваат инвестициите во здравствениот сектор, Европската комисија работи со нив за да ги зајакне нивните капацитети во управувањето со структурните фондови во здравството и го поттикнува споделувањето на најдобрите практики. Модалитетите на финансирање и тематските приоритети се координираат со одделни земји на ЕУ, кои потоа се одговорни за спроведување на инвестициите на национално ниво. Корисници се јавни тела, организации од приватниот сектор (особено малите бизниси), универзитети, невладини организации и здруженија.

Структурните и инвестициските фондови во периодот 2014 ‒ 2020 г. се наменети за: подобрување на пристапот до здравствена заштита; поддршка на реформските процеси кон ефективни и еластични здравствени системи; е-здравство/дигитални решенија, особено во врска со дигиталниот единствен пазар и интероперабилноста на овие решенија во и низ земјите на ЕУ; истражување и иновации во здравството и науката за животот; активно и здраво стареење, здравје и превенција на болести; и здравствена работна сила (обука, доживотно учење, планирање на работна сила, задржување).

г) Европскиот социјален фонд плус – ESF + e нова програма која ќе служи како главен финансиски инструмент на ЕУ за насочување на инвестициите во луѓе и имплементација на Европскиот столб за социјални права, вклучувајќи ги и здравствените политики. Програмата ESF + ги спојува постојните фондови и програми, вклучувајќи ги: Европскиот социјален фонд и Иницијативата за вработување на млади; Фондот за европска помош на најобесправените; Програмата за вработување и социјална иновација и Програмата за здравство.

Една од трите главни цели на финансирањето на програмата ESF + е спречување на здравствените ризици и промовирање на јавното здравје. Програмата ESF + вклучува 413 милиони евра за здравството, со кои ќе поддржи и финансира одредени здравствени активности/потреби и ќе овозможи интеграција на здравјето во другите сродни политики и координација помеѓу комплементарни активности поврзани со здравјето. Потенцијалните кандидати за добивање на средства од оваа програма се националните здравствени власти, како и јавните и приватните институции/тела, меѓународните организации и невладини организации кои работат на полето на здравјето на ниво на ЕУ и кои ги поддржуваат специфичните цели на програмата на ЕУ. Можноста за користење на Програмата ESF + за здравство во периодот од 2021 до 2027 година ќе помогне во решавање на здравствените предизвици идентификувани во Европскиот семестар.

Здравствени политики на ЕУ ќе бидат финансирани и преку други финансиски инструменти со цел да се зголеми влијанието на буџетот на ЕУ во здравствените политики, како што се Европскиот фонд за регионален развој, Хоризонт Европа, Дигитална Европа, Фондот Инвест ЕУ, Фондот за поврзување на Европа итн. Советот на ЕУ мора едногласно да се согласи за идниот долгорочен буџет на ЕУ и законодавен предлог, со согласност на Европскиот парламент, но Европската комисија веќе изјави дека ќе стори сè што е во нејзина моќ за да го олесни брзиот договор. Овој договор треба да се постигне пред изборите за Европскиот парламент и самитот во Сибиу, Романија, закажан за 9 мај 2019 година.

д) Финансирање на активности за унапредување на јавно здравје. Европската комисија обезбедува и фондови за поддршка на активности поврзани со здравата исхрана и физичката активност. Европската Унија финансиски поддржува координирани акции за намалување на штетите од алкохолот меѓу земјите членки на ЕУ. Па, така, во 2014 година започна Заедничката акција за намалување на штетите поврзани со алкохолот (RARHA), во која учествуваат 32 партнерски институции и организации од 27 држави членки, вклучувајќи и од Швајцарија, Исланд и Норвешка. Оваа акција финансиски е поддржана од фондовите за втората здравствена програма на ЕУ. Европскиот парламент финансира пилот-проекти кои имаат за цел да ги третираат социјалните детерминанти на здравјето и да го унапредат здравјето, особено на ранливите групи население. Дополнително, Европската Унија финансираше 45 проекти за занимавање со социјалните детерминанти на здравјето како дел од спроведувањето на здравствената стратегија на ЕУ.

ѓ) Пристап до фондови за интеграција на Ромите и унапредување на здравјето на Ромите. Повеќегодишната финансиска рамка, 2014 – 2020 г., го олеснува процесот за користење ЕУ фондови за интеграција на Ромите од страна на земјите членки на ЕУ. Дванаесет држави членки селектираа нов приоритет за инвестирање, кој дозволува јасно, но не исклучиво, таргетирање на Ромите, и за таа цел алоцираа 1,5 милијарди евра. Идентификувани се и други приоритети за инвестиција кои придонесуваат за инклузија на Ромите, како што се: Европскиот социјален фонд и Европскиот фонд за регионален развој. Македонија ќе има пристап до средствата од ЕУ наменети за интеграција на Ромите во четирите клучни области – здравство, образование, вработување и домување.

 

Изработено од: ЕСЕ ‒ Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените, август 2018 г.

Сите објави од: Здравство

#ЗачекориНапред  #изборотЕтвој