Европа ќе зборува на македонски јазик

Како 25-ти работен јазик на кој ќе се зборува во Брисел, тој ќе биде „рамо до рамо“ со јазиците кои се говорат во нашето соседство, бугарскиот, хрватскиот и грчкиот. Тоа го гарантираат Повелбата на ЕУ и Договорот за ЕУ.

Македонскиот јазик, по влезот во Европската Унија, ќе стане официјален јазик на Унијата. Како 25-тиот работен јазик на кој ќе се зборува во Брисел, тој ќе биде „рамо до рамо“ со јазиците кои се говорат во нашето соседство, бугарскиот, хрватскиот и грчкиот. Тоа го гарантираат Повелбата на ЕУ и Договорот за ЕУ.

Дефинитивното признание за посебноста на македонскиот јазик и на неговото кирилско писмо, во Унијата која беспрекорно ја почитува јазичната разноликост, е последниот и најцврст бедем со кој ќе биде заштитен македонскиот идентитет.

Освен тоа, тој ќе стане составен дел и од европскиот идентитет, во заедницата од 500 милиони луѓе, основана под мотото „Обединети во разновидност“.

Почитувањето на јазичната разновидност е темелна вредност на ЕУ. Повелбата за основните права на ЕУ забранува дискриминација врз основа на јазикот и ја обврзува Унијата да ја почитува јазичната разновидност.

Покрај тоа, од 2001 година, 26 септември се слави како Европски ден на јазиците за да се подигне свеста за широкиот спектар јазици кои се говорат во Европа.

Европскиот парламент има јазична политика според која јазиците на државите членки се еднакво важни. Сите прописи и закони се објавуваат на сите официјални јазици на ЕУ. Сите европратеници можат да го користат официјалниот јазик на својата држава. Тоа значи дека секоја одлука, од денот кога Македонија ќе стане членка на Унијата, ќе биде преведена на македонски јазик, а секој избран претставник од земјава во Европскиот парламент ќе може да зборува на македонски јазик.

Инаку, Одделот за превод е најголемиот оддел во Европскиот парламент и сочинува една третина од вкупниот број вработени. Во него свое место ќе најдат и преведувачите од Македонија, чија задача нема да биде само превод на обраќањата и на прописите, туку речиси на сѐ што подразбира кореспонденција, вклучително и дијалози од филмови или промотивни материјали, на пример.

Освен Парламентот, и Европската комисија е обврзана да ја почитува истата политика, бидејќи таа како „чувар на договорите“ со кои се уредува ЕУ, мора да им овозможи на сите жители на „семејството“ да бидат запознаени со своите права на сопствениот јазик.

Иако нема прецизен податок за тоа колку од европските прописи се веќе преведени поради процесот на пристапување, сепак, ако според плановите, до 2012, европското законодавство има 220 илјади страници, сите тие мора ќе бидат преведени на македонскиот јазик и на неговото кирилско писмо.

Освен функционерите, и граѓаните на државите членки, што значи и македонските државјани, кога земјата ќе стане членка, ќе можат да контактираат со институциите на ЕУ користејќи го својот мајчин јазик и да добијат одговор на истиот тој јазик.

Милион евра за преводи

Културните работници често знаат да кажат дека македонската култура е малечка по димензија, но широка според талентот, потенцијалот, креативноста што ја носи. И дека таа има што да каже, но треба широчина, простор, слобода, комуникација, натпревар, кој нема да биде ограничен од физичките граници.Поради малиот пазар, македонските културни добра имаат огромна потреба од поддршка за да излезат надвор од границите на земјата. Особено ако се служат со јазикот како изразно средство.Иако ги нема почнато преговорите со Македонија за полноправно членство, Европската Унија веќе во голема мера го покажува својот интерес за македонскиот јазик и грижливо го приближува до семејството на европските јазици преку поддршка на литературни преводи. За тоа сведочи податокот дека само во последните четири години, за преводи и изданија, македонските издавачки куќи добиле нешто повеќе од еден милион евра.

 

Сите објави од: Колумни

#ЗачекориНапред  #изборотЕтвој